Заев-Земјоделството и производството на храна се шанса за успех
Владата продолжува со стимулирачки мерки како „Млад земјоделец“ со поддршка до 10 илјади евра , „Рурална жена“ со 3.000 евра како и за нов агробизнис со 20.000 евра.
Ви пренесуваме дел од интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено за „Капитал“
Во последната предизборна кампања истакнавте дека за три години имате обезбедено директна и индиректна финансиска помош за земјоделците од 430 милиони евра и дека ќе продолжите понатаму со 200 милиони евра годишно поддршка. Какви се резултатите од оваа помош за земјоделството, во смисла на обем на производство и извоз на земјоделски производи? Покрај најавите за продажба на државно земјоделско земјиште, кои ќе бидат клучните точки на земјоделската политика што ќе ја води Северна Македонија?
Земјоделството и производството на храна се шанса за успех, а пандемијата со вирусот КОВИД-19 уште повеќе ја нагласи потребата населението да биде обезбедено со здрава, квалитетна и разновидна храна од македонско производство.
Треба да ги прифатиме како добар тренд податоците на статистика за откупот и продажбата на земјоделски производи во третото тримесечје од 2020 изнесува во висина од скоро 5 милијарди денари, што е 15,7 отсто зголемување во однос на истиот период лани.
Владата продолжува со стимулирачки мерки како „Млад земјоделец“ со поддршка до 10 илјади евра , „Рурална жена“ со 3.000 евра како и за нов агробизнис со 20.000 евра. Од голема важност е и искористување на мерките од ИПАРД програмата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Ќе следат и повици за земјоделско земјиште, инвестиции, зелена нафта и за мерка од ИПАРД која ќе финансира инвестиции во рурални средини како сместувачки и угостителски капацитети, старечки домови, капацитети за обработка на дрво, пчеларство итн.
Годинава заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агросекторот и руралниот развој. Имаме ресурси. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничката цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата.
Она што ќе донесе дополнителен стимул во земјоделското производство е приватизацијата на државно земјоделското земјиште во функција на развојот. Приватизацијата ќе се одвива согласно одредени услови. Првиот услов е да не смее да се урбанизира, поточно се забранува да биде пренаменето за било која друга намена освен земјоделска. Дополнително, ако новиот сопственик на земјоделското земјиште истото не го обработува или не го изнајми, ќе плати три пати поголем данок.
Земјоделството е голем потенцијал за државата и ако го ставиме во функција и земјоделското земјиште ќе се повлечат кредитни линии, ќе се инвестираат заштедени пари, што ќе значи и отворање на работни места, ќе се поттикне зголемување на извозот, на домашната продукција, а преку тоа ќе се зајакне конкурентноста на националното земјоделско производство.
Согласно анализите, земјоделското земјиште по пазарни цени што е во државна сопственост вреди повеќе од 2 милијарди евра, а ние очекуваме 200 до 300 милиони евра или 10 до 12% од тоа што би се продало согласно интересот на граѓаните и на домашните компании.
Планот е до крајот на јуни 2021 година да ја завршиме дебатата за законските решенија, а со завршувањето на кризата најдобро е да влеземе во прогрес на оваа иницијатива. Имаме и национални големи компании кои сакаат да инвестираат. Во оваа прилика сакам да напомнам дека нема да се дозволат злоупотреби за што државата има соодветни алатки за да си го заштити јавниот интерес.https://kapital.mk/%d0%b7%d0%be%d1%80%d0%b0%d0%bd-%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b2-%d1%81%d0%be-