Започнува реконструкцијата на патот Битола – граничен премин Меџитлија
Во должина од 15 километри ќе биде поставен нов коловоз, за првпат откако патот е изграден.
Започнуваат градежните активности за санација и рехабилитација на патот од Битола до граничниот премин Меџитлија. Овој многу значаен пат кој го користат битолчани, жителите на околните градови во Пелагонија, на пограничните македонски села и посетителите од Грција, во следните неколку месеци ќе добие сосема нов лик. Во должина од 15 километри ќе биде поставен нов коловоз, за првпат откако патот е изграден.
-Реконструкцијата на патот Битола – грчка граница е реализација на уште едно наше изборно ветување. На денешната средба со жители на Кравари им ги пренесов и заложбите на Владата за изградба на експресен пат до Меџитлија. Според информациите од надлежните министерства, во напредна фаза е проекцијата на новата траса од Прилеп преку Битола до границата со Грција. Современата патна инфраструктура ќе отвори нови можности за Кравари, за развој на туризмот, на угостителски и сместувачки капацитети кои позитивно ќе влијаат на локалната економија, рече Драган Крајовски, претседател на ОО СДСМ Битола.
Изминатите две години Владата предводена од СДСМ инвестираше во битолскиот регион во реконструкција на патот кон Ниже Поле и ски центарот Стрежево, како и патот до Магарево. Сега се работи на патот до грчка граница. Инвестициите во модернизација на патна инфраструктура во Битола и Пелагонија продолжуваат, рече Крајовски.