Заштедите растат-дали стравот од поголема немаштија ги тера граѓаните да штедат?
Последните податоци покажаа дека финансискиот имот на македонските домаќинства минатата година забележал раст, највисок во изминатите десет години
Иако сме во екот на една од најголемите економски кризи, податоците на Народна банка за растот на заштедите збунуваат. Последните податоци покажаа дека финансискиот имот на македонските домаќинства минатата година забележал раст, највисок во изминатите десет години, пишува Фактор.мк.
– Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, кој покрај депозитите во банките ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување на домаќинствата (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично), заклучно со крајот на 2021 година, изнесува 498 милијарди денари (8,15 милијарди евра) и на годишна основа пораснал за околу 43 милијарди денари, или за 9,3 отсто – објави НБРСМ.
Притоа е нагласено дека во текот на минатата 2021 година, домаќинствата тежнееле кон помалку ризични вложувања, пред сè во депозити кај банките и во приватните пензиски фондови.
Народна банка и во редовните извештаи регистрира раст на финансиите на граѓааните.
Па така и во август депозитите на месечно ниво забележаа раст од 1,2 отсто, додека пак на годишна основа депозитите се зголемени за 1,7 проценти, а поизразени се депозитите на домаќинствата.
Ваквите податоци делуваат контрадикторно и збунувачки, велат финансиски експерти кои ги консултиравме. Според нив, нејасно е како има раст на депозитите, на заштедите кога кај граѓаните преовладува чуството на сиромаштија, но и на грижа околу иднината поради немаштијата во која запаѓаат.
– Нелогично е во ваков период кога имаме значително зголемување на трошоците да има раст и на заштедите. Но, мора да сме свесни дека граѓаните може да штедат и од страв. Се плашат да трошат поради неизвесноста, поради стравот дека состојбите може да се влошат, па чуваат финансии за во иднина, или за полоши ситуации. Едноставно има граѓани кои штедат од претпазливост – вели поранешниот министер за финанси, Џевдет Хајредини.
Тој воедно потенцира дека е значајно да се утврди дали растат заштедите во денари или во депозити. Појаснува оти растот на депозитните заштеди укажува на недоверба во вредноста на денарот.
– Исто така е значајно да се види која категорија на граѓани штеди, односно ги зголемува своите заштеди. Дали станува збор за одредени група на граѓани, дали истите категории ги зголемуваат штедните влогови. Бидејќи реално е да се очекува оти сиромашните категории нема да можат да штедат, оти не им стигнуваат примањата ниту за основните потреби. Поголем дел од пензионерите на пример не можат да штедат, оти пензииите се премали – дополнува Хајредини, и додава дека е потребна сеопфанта анализа која ќе покаже точно чии заштеди растат.
Колку растот на заштедите е показател за состојбите во земајва, и дали во следните месеци, па можеби и години, заштедите ќе добијат нов терк поради континуираниот раст на цените на производите во малопродажба допрва ќе видиме. https://faktor.mk/zashtedite-rastat-i-vo-vreme-na-kriza-dali-stravot-od-pogolema-nemashtija-gi-tera-gragjanite-da-shtedat