Државниот инспекторат за земјоделство заедно со Државниот инспекторат за шумарство и ловство како органи во состав на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, ги интензивираа контролите на терен поради палењето на земјоделско земјиште (стрништа ) и шумските пожари. Во повеќе наврати двата инспектората имаат извршено контроли на теренот при што се откриени сторители кои палат бесправно стрништа и друга сува тревна одпадна вегетација на земјоделски површини. Државниот инспекторат за земјоделство, преку државните инспектори за земјоделство извршија 50 инспекциски надзори за што се составени 50 записници, издадени се 10 платни налози од кои 9 се платени, а за 10 прекршители постапката е во тек .
Државниот инспекторат за земјоделство ги задолжи сите инспектори за земјоделство да вршат постојан инспекциски надзор, да се интезивираат инспекциските контроли, во поглед на користењето на земјоделското земјиште, особено онаму каде има засеано житни култури, со цел да се откријат лицата кои палат оган во близината на посевите, ги палат стрништата, или пак ги палат остатоците од разни земјоделски култури, со што потоа се предизвикува и шумски пожар. ДИЗ апелира земјоделците и сите лица да ги почитуваат одредбите од Законот за земјоделско земјиште, дека корисниците на земјоделско земјиште се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари согласно прописите за заштита од пожари, а доколку се констатираат правни или физички лица да постапуваат спротивно на законот веднаш да се превземаат мерки поради сторен прекршок.
На последниот состанок на Регионалниот штаб е договорено да се вршат заеднички контроли на терен со преставници на МВР, ТППЕ и ДИЗ каде има земјоделски површини и постои опасност од палење на стрништа.
Освен по член 46 од Законот за земјоделското земјиште за кој има надлежност да постапува за пожари предизвикани од палење на стрништа и посеви инспекторатот нема надлежност да постапува по друг закон, а особено при палење на пасишта и друга вегетација.
Согласно одредбите на Закон за шумите, Државниот инспекторат за шумарство и ловство е овластен да врши инспекциски надзор за спроведување на одредбите од Закон за шумите. Заштитата на шумите покрај другите елементи на заштита, и заштитата од шумски пожари како елемнт на заштита на шумите ја вршат субјектите кои стопанисуваат со шумите (стопански и шуми со посебни намени). Согласно правилникот за посебни мерки за заштита на шумите од пожари донесен од ДЗС, а во врска со Закон за шумите, при редовните инспекциски надзори од страна на инспекторите е констатирано дека субјектите кои стопанисуваат со шумите сите имаат донесено годишни оперативни планови за заштита на шумите од пожари за 2019 година кои воедно имаат и позитивно мислење од ДЗС. Државниот инспекторат за шумарство и ловство и даде наредби на сите шумарски и ловни инспектори за вонредни инспекциски надзори на субјектите кои стопанисуваат со шумите во делот на спроведување на годишните оперативни планови, и исто така ги задолжи концесионерите на ловиштата да вршат опсервирање за заштита на ловиштата од пожари и за нивно диретно вклучување за заштита на ловиштата од пожари преку своето членство. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира на крајно внимателно и одговорно однесување на сите лица кои извршуваат активности во земјоделството и шумите. Временските услови кои се значително погодни за појава на пожари на отворен простор, на земјоделски површини и во шумските предели, покрај огромната штетата кај земјоделските култури и добитокот претставуваат и сериозна опасност по човечкиот живот. Единиците на против пожарната бригада во неколку наврати, и пред неколку месеци интервенираа со гаснење на огнени стихии, а интервенции имаше и од Центарот за управување со кризи.Само во тековниов месец ЈП Национални шуми евидентира околу 70 пожари со опожарена површина од околу 1,600 хектари. Ваквата појава пред се, се должи на палење стрништа и земјоделски површини, што поради временски услови кои се погодни за пожари истите брзо ги зафаќаат и шумските површини. Покрај стрништата пожарите гореа и борова шума, овошни насади, багрем, нискостеблеста деградирана шума во приватна и државна сопственост. Со цел намалување и одговорно однесување МЗШВ потсетува дека палењето на пожари е забрането и истото дело е казниво по закон, соопштуваат од МЗШВ.