Засилени контроли на јајцата пред Велигден, нова регулатива од 2019-та
Засилени се инспекциските контроли за безбедноста и квалитетот на јајцата пред велигденските празници.
Покрај контролите на магацините, зајакнати контроли се спроведуваат и на граничните премини, при увоз, со цел на граѓаните да им се понуди безбеден и квалитетен производ, истакнал директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов на состанок со претставници од Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија.
Атанасов нагласил дека секоја недоследност во однос на квалитетот на јајцата, граѓаните и компаниите можат да го пријават во АХВ врз основа на што ќе биде спроведена и инспекциска контрола.
Компаниите, пак, побарале инспекциските контроли при увоз да обрнат внимание дали јајцата го имаат кодот на државата од каде потекнуваат, за да се спречи можноста од манипулации, на домашниот пазар како македонски да се пласираат јајца од увоз.
Како што стои на веб-страницата на АХВ, подготвена е тригодишната Стратегија за благосостојба на животните во која еден од приоритетите е и живинарството. Согласно европските регулативи, на први октомври идната година, производителите на јајца треба да го имаат имплементирано новиот, збогатен систем за одгледување несилки согласно европските правила за благосостојба на живината, кои се содржани и во нашиот закон. Фармите ќе треба да направат адптација на постоечките или да набават нови кафези за несилки, зошто оние кои сега се употребуваат, не ги задоволуваат новите критериуми, кои бараат помала населеност на живината.
– Еднаш, на барање на производителите на јајца, воведувањето на новиот систем беше одложено, но, заклучно со септември 2019 година, промените на фармите ќе мора да се направат, потенцирал директорот.
На состанокот во Комората што се одржал минатата недела, присуствувал и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Никола Бабовски. Тој ги охрабрил одгледувачите на живина, членки на Групацијата, да аплицираат за кофинансирање на проектите од ИПАРД и да го усогласат и осовременат производството согласно новите барања.
– Оваа категорија производители може да аплицира за првата и третата мерка од оваа програма, за што годинава, во мај и во почетокот на есента ќе бидат објавени уште два повика. ИПАРД не условува при аплицирање да ги имате исполнето европските стандарди, туку тие треба да се исполнат со финансиска поддршка на овој инструмент. Затоа од ваша страна, стандардите треба да бидат имплементирани со заокружување на проектот, што е услов за кофинансирање на инвестицијата, подвлекол Бабовски.
Покрај средства од ИПАРД, одгледувачите на живина можат да ја користат и поддршката од националните програми за да го осовременат производството.
– Имплементацијата на новиот, збогатен систем за одгледување на несилки е неминовен, а тој налага или да ја намалиме популацијата на несилки или да набавиме нови кафези во фармите. Ова повлекува нови, поголеми инвестиции што реално ќе се одразат и на зголемување на цената на овој прехранбен производ, рече Абдулезел Догани од компанијата Везе Шар, претседател на Групацијата за живинарство при Комората.