Во Велес и велешко голем интерес на земјоделците за ИПАРД

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Деновиве кога привршуваат мерките од ИПАРД 1 програмата, земјоделците од поширокиот велешки регион веќе се интересираат за аплицирање на новата ИПАРД 2 програма.

vo veles i veleshko golem interes na zemjodelcite za ipard

 

Како што информира Тони Тасков, раководител на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, новиот конкурс за програмата ИПАРД 2 ќе биде распишан во јуни годинава и ќе трае 45 дена.

– Во овој конкурс ќе има повеќе новини во полза на земјоделците од земјава. До сега ИПАРД 1 програмата ги опфаќаше: лозарството, овоштарството, градинарството и сточарството. Во новата „Мерка 101“ за првпат за ИПАРД програмата ќе може да конкурираат и земјоделците производители на житни култури, а кои имаат и обработуваат минимум житарици на еден хектар површина, информира Тасков.

При тоа, како што појаснува Тасков, земјоделците ќе можат да конкурираат и за набавка на нова современа погонска механизација – односно набавка на трактори и на приклучна механизација неопходна за обработка на житните култури.

– Посебна поволност со новиот конкурс е што земјоделците освен од земјите-членки на ЕУ, ќе можат да набават механизација и надвор од земјите-членки на ЕУ и од земјите-кандидати за членки на ЕУ. Уште од сега има голем интерес кај велешките земјоделци за набавка на механизација пред се за трактори од Индија и Кина, а кои се мошне квалитетни, а, што е посебно поволно, се многу поевтини од досега набавуваните трактори од ЕУ, информира Тасков.

Со новата програма од ИПАРД 2 програмата наместо досегашните 50 проценти, земјоделците во старт ќе добијат по 60 проценти од вложеното, а за што средства добиле преку ИПАРД програмата.

– Ние од Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството на сите заинтересирани земјоделци за ИПАРД програмата секојдневно кога ќе ни се обратат на земјоделците им даваме целосна подршка. Тоа значи сите потребни информации, како и подготовката на документацијата и бизнис плановите, потенцира Тасков.

Во изминатите неколку години во реонот на Велес и велешко шеесетина земјоделци аплицирале за ИПАРД 1 програмата.

Share Button