fbpx
ВестиМакедонијаСоветиТоп вести

Заштита на житните култури во есенскиот период

Житните култури имаат големо економско значење за Република Северна Македонија, скоро 81% од обработливата површина во Р.С.М. се под житни култури, т.е. тие се одгледуваат на површина од 160 988 ha (според Државниот завод за статистика на Р.С.М. (2012/14)). Од кои пченицата е на прво место од житните култури. Заштитата на стрните жита од плевели, болести и штетници е процес кој се одвива во текот на целата година. Навремената заштита го зголемува квалитетот и квантитетот на родот. Плевелите се најзначајниот проблем во производството на стрни жита, а од многу голема важност е нивното навремено сузбивање. Самите производители треба да одлучат за потребата, начинот и времето на сузбивање на плевелите. Од голема важност е да се познава самата производна површина како и степенот на заплевеленост од поедини плевели (застапеност на едногодишни и повеќегодишни, широколисни и класести плевели).

Според некои истражувања, штетите од плевели на посеви од озими житарици, каде не се сузбиваат плевелите, може да го намалат приносот и до 70% (пченица и јачмен). Исто така не смееме да ги занемариме и штетите причинети од: полегнување на посевот, напад од болести и штетници, отежната жетва итн. Од класестите (едногодишни и повеќегодишни) плевели кои се јавуваат во житните култури поважни се: обична ливадарка (Poa trivialis), обична ветрушка (Apera spica venti), лисичина опашка (Alopecurus myosuroides), пролетно просенце (Milium vernale), полска класатка (Bromus arvensis), див овес (Avena fatua), обично влакнесто просо (Echinocloa grus cali), мухари (Setaria sp.) и други.

Од широколисните (едногодишни и повеќегодишни) плевели поважни се: полски  вртипоп (Anthemis arvensis), лепавец (Gallium sp.), куландра-смрдлива трева (Bifora radians), нивска повивка (Polygonum convolvulus.), паламида (Cirsium arvense), слачец (Convolvulus arvensis), камилица (Matricaria chamomilla), глушина (Vicia sp.), булка (Papaver rhоeas), нивски какол (Agrostemma githago), обична овчарска торбичка (Capsela bursa pastoris)  и други.

Пред донесување на одлука за примена на хербициди треба обавезно да се изврши контрола на секоја нива по однос на присуството на плевели, видот на плевелите, како и фазата на развој на посевот.

Примената на хербициди можеме да ја поделиме во три категории:

  1. Пред сеидба (pre – sowing)
  2. По сеидба а пред никнење (pre – emergence)
  3. По никнење на културата и плевелите (post – emergence)

Во есенскиот период препорачливо е да се употребуваат хербициди кои имаат широк спектар сузбивање и долго делување, такви се хербицидите кои се употребуваат по сеидба а пред никнење на културата: Stomp aqua (pendimethalin 455 g/l) во доза од 3 – 4 L/ha добро познат хербицид на нашиот пазар кој сузбива голем број на економски значајни класести и некои широколисни плевели и хербицидот Roxy 800 EC кој ја содржи активната материја prosulfokarb 800 g/L, станува збор за нов хербицид на нашиот пазар, се применува по сеидба пред никнење или најдоцна до фаза на три листа, во доза од 1,5 – 4 L/ha во зависност од плевелите кои се сузбиваат и времето на примена. Доколку на истата површина повеќе години како монокултура се одгледуваат житни култури препорачливо е комбинирање на хербицидите:

Stomp aqua (2L/ha) + Roxy 800 EC (2 L/ha) со цел комплетно сузбивање на голем број на плевели.

 

Автор: м-р Петковски Ефтим

(Докторант на Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје)

Хемомак Пестициди ДООЕЛ – Велес

 

 

 

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close