Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Затекнавме хаос во земјоделието – Трипуновски по две години власт

Нереализирани кредити, неискористени средства за модернизација, плаќање пенали за неискористени средства од кредити и многу други сериозни проблеми во секторот затекнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кога ја презел функцијата пред две години.

Затекнавме хаос во земјоделството, со блокирани процеси, неискористен кредит за модернизација на земјоделството и повеќе од 1.600 вработени во јавните претпријатија што во текот на 2024 година биле без здравствено и пензиско осигурување – рече Трипуновски.

Тој посочи дека во изминатиот период се постигнати позитивни резултати во земјоделското производство и во извозот. Според него, извозот на земјоделски производи достигнал 417 милиони евра, додека производството бележи раст од 2,7 проценти. Зголемено е и производството на млеко, особено овчото млеко за четири проценти, како и производството на свинско месо, со што во голем дел се задоволуваат потребите на домашниот пазар.

Министерот информираше дека се откупени околу 300.000 тони пченица количина што ги задоволува домашните потреби. Тој рече дека по години на континуиран пад, секторот сега бележи раст од еден процент.

Во однос на финансиската поддршка, Трипуновски нагласи дека се исплатени и заостанатите и тековните субвенции во вкупен износ од околу 15 милијарди денари, додека само за последниот период биле реализирани исплати од четири милијарди денари. Како една од мерките ја посочи и укинувањето на можноста за двојно пријавување при користење на субвенциите.

Тој истакна дека министерството отворило нови подрачни канцеларии, а во 2024 и 2025 година биле обезбедени 75 милиони денари за научните институции. Според него, се подобрени и откупните цени на земјоделските производи.

– Цената на тутунот од прва класа е зголемена од 375 на 400 денари за килограм, а за винското грозје во 2024 година беше донесена нова методологија што овозможи највисока откупна цена досега – изјави Трипуновски.

Тој додаде дека посебен фокус е ставен на младите земјоделци, за кои се обезбедени 69 милиони денари финансиска поддршка, како и 57 договори за набавка на комбајни за ориз и сушници.

Министерот најави дека логистичкиот центар во Скопје треба да биде пуштен во употреба во 2027 година, додека во Струмица е планирана изградба на втор ваков центар. Во тек е и реконструкција на нова зграда на Агенцијата за рурален развој, а за дел од проектите е обезбедена поддршка преку кредит од германска банка.

Трипуновски информираше дека се потпишани околу 2.100 договори за закуп на повеќе од 6.000 хектари земјоделско земјиште. Исплатени биле и заостанатите плати во ЈП „Водостопанството“ и во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, каде што, како што рече, сега се работи профитабилно и со дигитализирани процеси.

Тој потсети и на воведувањето бенефициран стаж за шумската полиција, инвестициите во водостопанството и активностите за чистење на езерото Младост, оценувајќи дека земјоделскиот сектор постепено се стабилизира и се развива.

Поврзани новости

Back to top button