Заврши времето на евтина храна; пикот на кризата се очекува во следните две години
Експертите ја повикуваат државата да донесе мерки, со кои или ќе се субвенционира цената на храната односно мерки, со кои на секој еден граѓанин ќе му се овозможи да има достапност до храна.
Времето на евтина храна помина, смета експертската јавност, според која поради руската инвазија во Украина, пазарите како на глобално ниво, така и во регионот ќе се соочуваат со понатамошен пораст на цената на храната, особено на основните животни намирници.
Според нив земјите од регионот мора да се насочат многу повеќе на производство на домашна храна, при тоа да ги искористат сопствените ресурси со кои располагаат.
„Она што нашите граѓани треба да го знаат е дека храна ќе има секогаш, но прашање е само по која цена и кој тоа ќе може да си го дозволи. Тоа е еден голем проблем, за кој мислам дека нашите политичари на Западен Балкан, немаат донесено решение за таа ситуација. И она што се занемарува е дека нема да можат сите потрошувачи, да си дозволат да имаат доволно храна. Ние веќе се соочуваме со глад, но за тоа не зборуваме“, изјави Мухамед Брка, професор на Факултетот за земјоделство во Сараево.
Дополнителен проблем за Северна Македонија е што земјата е претпоследна во Европа по принос на пченица и меѓу последните по принос на пченка. Тоа е резултат на еколошкиот потенцијал и ограничениот капацитет, вели професорот на земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев: „Ние и онака не располагаме со ресурси да произведеме доволно количини на храна. Кога зборуваме за храна, говорам за оние основни продукти кои ја претставуваат храната, како што е зрното и скробот, шеќерот и маслото. Ние дваесет години немаме шеќерна репка. Нашата шеќерана не работи. Сончогледот долги години беше паднат на срамни површини. Сега нешто се враќа. И дали ние можеме да ги вратиме тие култури, можеме, но никогаш нема да може да ги вратиме во количини кои ни се потребни, бидејќи кога сме произведувале највеќе не сме ги имале сите количини кои ни се потребни.“, вели Чукалиев.
Чукалиев додава дека земјата може да произведува други типови на земјоделски производи, кои имаат многу повисока вредност: „Исто така имаме проблем со наводнување, имаме проблем со неплодни почви. Имаме многу проблем со многу топла клима, која не одговара. Приносот на пченицата кај нас се намалува. Како се покачи температурата се намали нејзината фото-синтетската активност.
Ние имаме многу ниски приноси. Но проблем е што нашиот еколошки потенцијал е низок. Ние не сме големото Черноземно плато, кое што може да произведува огромни количини и многу високи приноси. Од секогаш сме биле ограничени во производство. Постојат многу алатки кои што овозможуваат подобро да го менаџирате земјиштето и да ја менаџирате водата и подобро да работите на самата нива. Нашите земјоделци се екстремно мали. Два хектара е просечната површина на фарма во Македонија со пченица. Вие може да направите 100 евра профит од пченица“.
За властите во Северна Македонија, пикот на кризата со храна се очекува во наредните две години.
„Мерките и политиките кои треба да дадат резултат, може да се креираат само заеднички особено во време на светска економска криза, која во делот на храната дополнително доаѓа. Пикот на кризата се очекува во следните две години. Особено заради сите поместувања со руската инвазија во Украина и ова ќе биде еден од најпогодените сектори. И само со заедништво, соработка, солидарност и со партнерство може да се надминати сите предизвици“, коментира Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
Николовски најави нови мерки за субвенционирање на активностите на земјоделците.
„Со новиот модел воопшто не се кратат средствата. Се елиминираат можните нерегуларности кај оние кои земаат земја само за да добијат субвенции или се ориентираат само на производство каде што има поголеми субвенции, а воопшто не се прикажува тоа производство. Правиме редефинирање и рационализација на земјоделските субвенции се со цел оние кои произведуваат храна да ги добијат“, вели министерот.
Експертите ја повикуваат државата да донесе мерки, со кои или ќе се субвенционира цената на храната односно мерки, со кои на секој еден граѓанин ќе му се овозможи да има достапност до храна.https://mk.voanews.com