вести

Заврши откупот на тутунот, постигната највисока просечна цена од 217,6 денари

(Oвој напис е објавен на: март 21, 2018)

tutun

Во рамки на предвидениот законски рок, заврши откупот на тутун од реколтата за 2017 година. При тоа, откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм, информираат од Владата на Република Македонија и додаваат дека откупениот тутун е во целост исплатен.

Од откупениот тутун, нагласуваат, од типот Јака се откупени 2.447.601 килограми, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот Прилеп се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

– Откупот започна на 15 ноември во 2017 година, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните девет откупни компании, на терен откуп вршеа осум претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење на откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина на тутун од тековната реколта. Од страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови и тоа за редовен откуп на суров тутун во лист од реколта 2017 година, соопшти владината прес-служба.

Согласно Законот за тутун и тутунски производи, се посочува во соопштението, инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство извршија контроли во откупните тутунски претпријатија во сите пријавени откупни пунктови каде што е вршен откуп на тутун. При тоа е констатирано дека претпријатијата ги исполнуваат условите за вршење на откуп согласно законските одредби.

– Воедно, инспекторите извршија контроли кај откупните тутунски претпријатија, за да се провери дали се врши исплата на откупениот тутун од тековната реколта во дадениот рок согласно рокот на исплата пропишан во договорите, дали редоследно се врши исплата на тутун на тутунопроизводителите според датата на предавање на тутун и дали обезбедените наменски средства исклучиво се користат за исплата на тутун. Констатирано е дека не се извршени прекршувања на законските одредби, се вели во соопштението.

Откупот на тутун, се додава, се одвиваше согласно пријавената динамика од страна на откупувачите и помина во најдобар ред. Од страна на производителот или претставникот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители не се дадени приговори за процената во однос на квалитетот и квантитетот на тутунот за откуп во моментот на предавањето на тутунот до Комисија за повторна процена формирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за подрачјето каде што се откупува тутунот.

– Согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој што се укинува поднесувањето на евидентните листови, потсетуваат од Владата.


 

а1он.мк

Тагови

Валентина Соколовска

Зелена берза – Гласот на земјоделецот Заедно со Вас, драги земјоделци, ја создадовме „Зелена берза“, како Здружение на земјоделци, како начин на заедничка работа преку кој ќе стигнеме до нашите јасни заеднички цели: да се слушне гласот на секој земјоделец, да размениме искуства, да создадеме услови во кои ќе можеме успешно да работиме, а земјоделскиот труд да добие соодветен приход. „Зелена берза“, постои за Вас, да ве поттикне, да ве информира, но и заеднички со Вас да се избори за квалитетно и исплатливо производство, за производи кои гарантирајќи квалитет ќе обезбедат сигурност, стабилност и добар профит. Визијата на најголемото, невладино и непрофитно, земјоделско здружение во Р. Македонија – „Зелена Берза“ е да прераснеме во здружение со илјадници членови, здружение со големо влијание врз законските норми кои го регулираат земјоделието и здружение кое ќе му даде глас на секој индивидуален земјоделец. Грб во тешките времиња и земјоделски промотор во добрите. Нашата мисија е да го промовираме македонскиот земјоделец, да градиме партнерски односи со производителите и со трговците, да создадеме заедница на македонските производители на храна која ќе ги претставува и ќе се бори за интересите на современето македонско земјоделие, во државата и странство. Приклучете ни се, бидете дел од нас. Раскажете ја вашата приказна, актуелизирајте го Вашиот проблем, презентирајте ја Вашата идеја, понудете добри совети. Ние сме тука, да го пренесеме Вашиот збор, да преземеме активности и заеднички да креираме успеси, што ни е силно потребно, на сите нас, кои директно или индиректно, сме дел од земјоделието. Успехот во оваа гранка, е успех на животот, зошто здравата храна е еден од клучните фактори за здрав живот, а земјоделецот е неговиот најважен столб. И нашиот месечник е олицетворение на вредностите кои ги застапува Зелена берза. Делењето на бесплатни примероци има за цел да го зголеми опсегот на гласот на земјоделците, заедно да ги решиме децениските земјоделски проблеми, натежнати врз сите нас. Заедно да го продолжиме патот кој започнавме да го трасираме. Креирајте го Вашиот весник, според Вашите желби и потреби. Ние сме тука за Вас. Редакцијата на нашиот и Ваш весник, Ви стои на располагање за споделување на Вашата приказна, Вашите совети и Вашето искуство во земјоделието. Контактирајте не на телефон 071 207 021, преку електронска пошта [email protected] или на страната на ФБ / Зелена Берза Срдечен поздрав, Вашата Зелена Берза

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close