fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Зелфи Несими-Ако го дадеме родот по фабриките пари чекаме со месеци

Ретко има пиперка ајварка на тетовскиот пазар, поради ниската откупна цена земјоделците се откажуваат од садење, а голем дел од произведеното се откупува од преработувачки капацитети.

Зелфи Несими од тетовско Џепчиште е меѓу ретките земјоделци кој продава пиперки ајварки препознатливи по добриот квалитет и вкус. На Градскиот пазар во Тетово и на продажните места околу него каде што се продаваат земјоделски производи, ретко може да се најде пиперка за зимница. Сликата не е како порано, кога на секоја втора тезга се продаваа пиперки за ајвар и од други сорти. Причината за тоа, како што ни раскажа Несими, не треба да се гледа само од негативен аспект дека овој производ се помалку се сади на нивите, туку станува збор за организиран откуп. Пиперката како продукт, освен на пазарот завршува и во една од фабриките во тетовско Џепчиште која произведува ајвар. Но, нашиот земјоделец како и дел други земјоделци решиле пиперот да го продаваат на пазар каде може да добијам малку повисока цена од онаа што ја плаќа фабриката, и плус парите да ги имаат веднаш во својот џеб, а не да чекаат со месеци за исплата.

-Во Џепчиште се засадува пченка за стоката како и пипер и домат, тоа најчесто се сади. Продаваме нешто на пазар од пиперот, а другата роба послабата односно таа што не е толку квалитетна, за неа има откуп и од тоа се прави ајвар во фабрика во селото Џепчиште. Во таа фабрика прва класа од пиперката ја плаќаат 18 денари, а последната класа до 12 денари. Ама морам тука да потенцирам,  ако го однесеме целиот род во фабриката чекаме речиси една година за парите, затоа мора тука да продаваме на пазар. Што се вели, во моментот да преживееме, тука нормално муштериите си плаќаат, па не мора да ги чекаме парите, вели нашиот земјоделец Несими, споредувајќи дека на „сточарите за предаденото млеко месечно им се исплаќаат парите, а ние една година не можеме да ги земеме парите што ги продаваме земјоделски производи по фабриките. Кога би имале добра цена и кога би ни плаќале по фабриките веднаш, тогаш ние ќе одиме со продажба на големо и  нема потреба тука да продаваме на пазар, појаснува Несими.

На површина од еден хектар Несими насадил пипер од повеќе сорти, а со производство на пиперка во неговото село се занимаваат само средовечни земјоделци од 40 до 60 годишна возраст, а производителите на градинарски култури ги има се помалку. Вели дека цената на пиперот подолго време е иста, а сите суровини растат, што е дополнителна причина луѓето да се откажуваат од нивите и производството на земјоделски култури.

-Дури и родот оваа година беше малку послаб, се тоа поради големата суша. Од еден хектар годинава собравме 20 тони пипер, а порано, еве лани на пример, 30 тони собравме од истата таа површина. Имаме проблеми, на пример сега ѓубривото е поскапо, а наредната година се најавува дека ѓубривото ќе биде уште поскапо за 20 до 30% и затоа производството поскапува и според тоа и цената на нашите производи треба да биде повисока. А, всушност, пиперот има иста цена  20 до 25 денари, последните десет години. Ситуацијата не е променета, единствено што се промени е што во Џепчиште нема многу земјоделци, сега младите речиси повеќето заминаа за Германија, се пожали Несими.

Сепак тој во организираниот откуп гледа и позитивна страна.

-Позитивно во овие наши земјоделски маки со кои се соочуваме е што сепак имаме каде да го продадеме нашиот производ, ‘топтан’ што вели народот. Не само пиперот, туку доматот и пченката, и за нив има откуп, со пониска цена, ама барем има некаков откуп. Би било добро и за другите земјоделски производи да има вакви преработувачки капацитети, за да може некако да се крепи земјоделието во нашиот регион, порачува Несими.

Џепчиште е село во Долни Полог и се смета за приградска населба на градот Тетово, на оддалеченост од само 4 километри од градот. Селото е рамничарско, на надморска височина од 480 метри. Атарот е мал и зазема простор од 4,5 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 342 хектари, па затоа селото, во однос на земјоделието, има полјоделска функција.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close