вестиМакедонијаТоп вести

Шеќерната приказната за битолската фабрика „4-ти Ноември“

Дневно за време на кампања се обработувале околу 1500 тони на слаткиот корен за што биле ангажирани околу 350 редовно вработени и околу 200 сезонски работници. Бенефитот бил голем за целото општество.

Првите никулци на шеќерната репка пред неколку децении за првпат започнале да виреат на шеќерните плантажи во Пелагониската Котлина. Како последица на тоа во далечната 1959 година, започнала првата кампања за преработка на шеќерна репка во битолската Фабрика за шеќер „4-ти Ноември“. Свеченото сечење на лентата се случило на нејзиниот роденден, поточно на 04.11.1959 година. Со воведувањето на оваа благородна култура Земјоделското стопанство „Пелагонија“ станало познато во бившата федерација како сериозен производител на индустриски растенија.

Сепак, површините биле недоволни и се барало хектар повеќе. Фабриката за шеќер била гладна за слатките корени. Нејзиниот капацитет изнесувал 150.000 тони на репка. Со преработката на оваа количина требало да се добијат околу 20.000 тони шеќер во кристал. Поради недостаток на површини и немањето на традиција за производство  на шеќерна репка кај индивидуалните земјоделци се појавиле многу проблеми  во обезбедувањето на суровина за фабриката. После бројни анализи се дошло до заклучок дека мора да се подготви стратегиски план за континуирано и стабилно обезбедување на суровина.  Поради поголема рентабилност најголемиот дел од тоа морало да се обезбеди од парцели во близина на фабриката, поточно од парцелите во Пелагониската Котлина. За да се постигне оваа цел се случила интеграција помеѓу Фабриката за шеќер, Земјоделското стопанство „Пелагонија“-Логоварди и Земјоделското стопанство Радобор.  На собирот на раководителите од трите колективи и со нивното потпишување за интеграција во 1963 година се родил ЗИК „Пелагонија“.

Foto arhiva Ljupco Nikolovski

После овој настан развојот бил незапирлив. Шеќерната репка започнала да се сади и во Струмичко, Кочанско, Кумановско, Тетовско поле и на други места. Од овие региони суровината се доставувала со железница поради што фабриката располагала со сопствен железнички колосек и локомотива.

Дневно за време на кампања се обработувале околу 1500 тони на слаткиот корен за што биле ангажирани околу 350 редовно вработени и околу 200 сезонски работници. Бенефитот бил голем за целото општество. Во производството директно и индиректно биле вклучени околу 4000 лица. Да не заборавиме и за нус производите како меласа. Таа била главна причина за отворањето и на Фабриката за квасец и шпиритус. Исто така треба да се напомене дека и сточарството имало голема корист од резанецот на репката кој се користел како храна за стоката. Поради оваа квалитетна храна, млечноста кај кравите достигнувала и максимални 40%.

После отпочнувањето на транзициските промени во општеството и новите пазарни законитости увозниот шеќер од трска поради ниската цена имал предност на пазарот. Со  текот на времето фабриката се нашла во незавидна положба, а со тоа и нејзините вработени. Во 2015 година на фабриката и се случува стечајна постапка и таа престанува со работа. Како последица на тоа, на парцелите во нашата држава шеќерната репка повеќе не е присутна.

 

Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close