fbpx
Вести

Земјоделците бараат изградба на повеќе откупно – дистрибутивни центри

Земјоделците бараат изградба на повеќе соодветни објекти за складирање, калибрирање, пакување и чување на земјоделските производи. Тие сметаат дека оваа мерка ќе придонесе за поголемо и поквалитетно производство и ќе овозможи домашните производи да бидат поконкурентни на надворешните пазари.

berovski_kompir_0

По двете владини мерки системот капка по капка и проектот за земјоделски советници кои беа иницирани од земјоделците, тие имаат уште едно барање до Владата кое се надеваат дека исто така ќе биде разгледано и прифатено. Се работи за изградба на повеќе соодветни објекти за складирање, калибрирање, пакување и чување на земјоделските производи.

Земјоделците сметаат дека и оваа мерка ќе придонесе за поголемо и поквалитетно производство и ќе овозможи домашните производи да бидат поконкурентни на надворешните пазари.

– Оваа мерка ќе придонесе да бидеме уште поконкурентни и понапредни. Бараме изградба на соодветни објекти за складирање, чување, пакување, калибрирање… Овие објекти ќе ни помогнат да ги усогласиме работите околу откупот и пласманот на производите на домашниот пазар и надвор, вели претседателот на федерација на фармери на Република Македонија, Никола Стаматов.

zelencuk_2

Според него, земјоделските производи ќе добијат соодветна амбалажа која е многу значајна за пласман на домашните производи на надворешните пазари. Овие објекти ќе бидат опремени со најсовремени мерни уреди, разладни комори, калибратори, хали за пакување и транспортни системи за прифаќање и дистрибуција на зеленчук и овошје.

– Во моментов имаме складишта за земјоделските производи, но тие се малку и се со застарена опрема. Затоа бараме зголемување на бројот на вакви објекти како во делот на овоштарството, така и за раноградинарските култури. Тоа ќе придонесе да имаме поголемо и поквалитетно производство и ќе овозможи домашните производи да бидат поконкурентни на надворешните пазари, додава Стаматов.

Откупно-дистрибутивните центри треба да обезбедат полесен пласман на овошје и зеленчук преку примена на современи технологии на прием, селекција, калибрација и комори за складирање, а владината поддршка ќе се состои во обезбедување атрактивни локации и техничка поддршка во административни процедури.

– Земјоделските производи кои ќе се складираат во овие центри ќе се знае кога се произведени, дали се наменети за домашен пазар или за извоз. На овој начин ќе се овозможи извоз на свежи производи со соодветна амбалажа што исто така ќе придонесе за подобар квалитет и поконкурентни производи на странските пазари, објаснува Стаматов.

14 Otkupen Centar Vardarec - Udovo Valandovo

Овие центри ќе располагаат со најсовремени лаборатории и мерни инструменти, разладни комори, апарати за испитување на квалитетот и на еколошката исправност, како и калибратори за пакување на земјоделските производи според европските стандарди.

Така на пример, земјоделците објаснуваат дека чувањето на јаболката во ладилници значи продолжување на периодот на консумација. Ако најголем дел од сортите остануваат свежи до февруари, со чување во ладилник ќе можат да се консумираат најмалку до мај.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе понуди 27 локации за откупно дистрибутивни центри со површина од 1 до 17 хектари од кои веќе се продадени 11 локации во Богданци, Ресен, Гевгелија, Кочани, Облешево, Неготино, Штип, Врапчиште, Илинден и Пехчево. Меѓутоа, заради зголемен интерес од страна на потенцијални инвеститори во процедура за пренамена се уште четири локации во Валандово, Босилово, Струмица и Могила.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close