Земјоделците да не претеруваат со пестициди
Земјоделците треба да се едуцираат да не претеруваат со употребата на пестициди. На тој начин ќе го заштитат здравјето на купувачите, но и ќе ги зачуваат почвата и водата. Во нашата земја има 250 различни видови пестициди, кои се одобрени од институциите за употреба во конвенционалното одгледување на овошје и зеленчук. Но веројатно е дека има уште толку недозволени, кои земјоделците ги користат, делумно поради неинформираност, a делумно бидејќи тие се употребувале во минатото и им се познати.
Аферата со краставиците увезени од Албанија, за кои се потврди дека имаат остатоци од пестициди, но во рамките на вредностите кои го дозволува нашиот закон, уште еднаш го отвори прашањето за користењето на хемикалии во конвенционалното производство на овошје и зеленчук. Речиси сите земјоделски производи се прскаат, но она што е многу поважно се начинот и количините на пестициди кои се употребуваат.
Јаболкото, праските, јагодите и грозјето се во врвот на листата овошја со најмногу пестициди, според студијата на американското Министерство за земјоделство и на еколошката организација ЕВГ. На „црната листа“ се и спанаќот, краставиците и доматите, целерот, пиперката и грашокот.
Според податоците од Државната фитосанитарна лабораторија лани во Македонија биле анализирани 663 примероци од свежа храна. Од нив, во 24 е регистрирано присуство на пестициди над максималното дозволено ниво. Повеќето од небезбедните продукти, 16 биле произведени во Македонија, додека осум се од увоз. Во секоја анализа се проверуваат 224 остатоци, во зависност од растението. Најризични од аспект на употреба на пестициди кај нас лани биле: краставиците, марулите, доматите, спанаќот, зелката, кромидот, пиперките, грозјето, вишните, црешите… Кај нив најчесто се сретнувале зголемени вредности при лабораториските испитувања.
Во нашата земја се употребуваат пестициди кои се на позитивните листи во земјите на Европската Унија, а Правилникот се одобрува и ажурира секоја година. Во Министерството за земјоделство велат дека клучна е едукацијата на производителите.
„Земјоделските производители имаат потреба од едукација, а можат да ја побараат и да ја добијат од советниците во Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството, како и во земјоделските аптеки од одговорните вработени лица“, велат во Министерството.
За да се избегнат последици по здравјето на луѓето, земјоделските производители мора строго да се придржуваат до упатството за употреба и етикетата на производот и хемикалијата да ја користат само за оние болести и штетници за кои е регистрирана. Јаболката се прскаат од 15 до 20 пати, крушите над десет пати, праските 7-8 пати, колку и лозниците. Сепак, тоа не значи дека сите овие производи кога ќе се најдат на пазар содржат пестициди. Тука е клучна добрата земјоделска практика, која бара производителите да го почитуваат периодот од последното прскање до моментот на пласман на овошјето и зеленчукот кој трае од 2 до 50 дена и во кој пестицидите се разградуваат до концентрации кои не се опасни за здравјето.
„Употребата на пестицидите во согласност со утврдената каренца, односно временскиот период што треба да помине од последното прскање до бербата на земјоделските производи и почитување на препорачаната доза и концентрација при подготовка на растворите се меѓу клучните фактори за избегнување на штетните влијанија на пестицидите“, објаснуваат во Министерството за земјоделство.