Земјоделците ќе добијат нови системи за наводнување
Во буџетот на МЗШВ за наредната година предвидени се 428 милиони денари. Од нив, за проектот Јужновардарска долина втора фаза се одвоени 184 милиони денари, 26,7 милиони денари за хидросистемот „Лисиче” и 212 милиони денари за хидросистемот „Злетовица”.
Системите за наводнување кои долго време беа една од главната причина за намалување на земјоделското производство и на квалитетот на земјоделските производи годинава се еден од приоритетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За решавање на овој проблем во буџетот на МЗШВ за наредната година предвидени се 428 милиони денари. Од нив, за проектот Јужновардарска долина втора фаза се одвоени 184 милиони денари, 26,7 милиони денари за хидросистемот „Лисиче” и 212 милиони денари за хидросистемот „Злетовица”.
– За да имаме модерно и конкурентно земјоделско производство и да ги мотивираме земјоделците да се занимаваат со оваа дејност потребно е да се зголемуваат површините под наводнување. Изградбата на нови и рехабилитација на постојните системи за наводнување ќе ги намали трошоците и ќе ја зголеми ефикасноста на производството. Поради тоа оваа година се фокусиравме да ги затвориме отворените постапки во делот на водостопанството за кои не беше обезбедена целокупната документација. Започнавме со изградба на еден од најголемите капитални проекти браната „Конско„ во Гевгелија која ги покрива општините Богданци, Дојран и Гевгелија. Со изградба на браната ќе се овозможи наводнување на нови 8.000 хектари земјоделска површина, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој информираше дека годинава започна со реализација на системот за наводнување Равен – Речица во тетовски „Полог„, регион кој е познат по тетовскиот грав, тетовската пченка, каде еден од крупните проблеми беше токму наводнувањето.
– Преку ИПА програмата на ЕУ започнавме изградба на три мали системи за наводнување во три различни региони во државата во Славичко Поле, во околината на Струмица и третиот во околината на Кичево. Во 2019 година добивме 3,5 милиони евра од ЕУ за дополнителни три мали системи за наводнување. Во 2018 година ја затворивме постапката за започнување на проектот за наводнување Јужновардарска долина втора фаза, за овој проект добивме грант од 4 милиони евра од Германската банка за соработка. Тендерот е распишан, избран е изведувач и до крајот на годината ќе почне реализацијата на проектот. Се очекува до крајот на 2019 година овој проект да биде завршен и Јосифово, Удово, Пирава и Валандовскиот регион да добијат модерен систем за наводнување од 2.000 нови хектари површини, вели Николовски.
Тој најави дека овој месец ќе биде пуштена во употреба и браната „Пишица„, која годинава беше надградена, а во 2019 година ќе почне со изградба и браната „Речани„ на Оризарска Река во Кочани. Станува збор за проект кој е во износ од над 30 милиони евра преку кој ќе бидат наводнувани земјоделските површини во неколку општини од тој крај.