fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделците од Пелагонија ги пријавуваат штетите од  невремето  што ги зафати во последниот период

Земјоделците што претрпеа штети од  невремето што  го зафати битолскиот дел од Пелагонија  ги пријавуваат штетите  во општинската комисија. Невремето проследено со дожд, град и ветер предизвика големи штети на житариците и градинарските култури. Земјоделците се чудат како во рок од 15 минути невремето им го уништи сето она што го посеале. Некаде има и 100% уништени површини, а се плашат дека во идниот период последиците ќе бидат поголеми.

-Јачменот ми е 100% уништен, ништо не остана. Големи се штетите и кај пченицата. Не само што е полегната туку на класот нема зрно пченица, целата е испадната. Од пченката пак останати се само стапчињата. Никаков род нема да се собере. Каде што фати облакот сè е уништено. Пријавив во општинската комисија во Битола и се надевам дека ќе ни дадат некоја помош. Целиот труд ни пропадна, вели Бале Самарџиовски од с. Кукуречани битолско.

Покрај житариците големи штети се бележат и кај градинарските култури. Градот ги покоси културите, а дождот пак ги досуреди, многу влага негативно ќе се одрази врз родот.

-Не ми се оди на нива. Имам посадено пипер и домати. Таму каде што фати невремето сè е како со нож покосено. Градот се столчи, а и многу вода беше. Голема катастрофа ни направи. Пријавив во општината, белки ќе не обештетат  барем нешто да покриеме што вложивме, вели Васко Поповски од с. Кукуречани.

Штетите претрпеа голем број земјоделци од битолските села. Со цел да им се помогне на земјоделците во намалувањето на последиците од направените штети Општина Битола формира комисија  кај која земјоделците може да ги пријавуваат штетите.

Барањето до Комисијата за проценка на штета и имотен лист од површината на која се наоѓа земјоделската култура, земјоделците може да поднесуваат до 13 јули 2020 до 15:30 часот.  После овој термин Општинската комисија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, согласно нејзините надлежности ќе пристапи кон натамошно постапување.

П. Јовановска

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close