Земјоделците да ги зацврстат пластениците, порачуваат агрометеоролозите по најавата за дожд и снег
Агрометеоролозите препорачуваат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции. Треба, велат, да се расчистат и одводните канали за полесно одлевање на површинските води.
По најавите на УХМР за врнежи од дожд и снег во наредните денови, агрометеоролозите препорачуваат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции. Треба, велат, да се расчистат и одводните канали за полесно одлевање на површинските води.
Врнежите, сепак, оценуваат агрометеоролозите, се добредојдени, го зголемуваат полскиот воден капацитет кај сите земјоделски култури. Појавата на снег на планините исто така ги зголемува резервите на вода кои би ги подобриле хидролошките услови.
Ова е период од годината кога есенските култури, лозовите насади и овошките се во фаза на зимско мирување. Животните функции (дишење, транспирација) се сведени на минимум, но не се прекинати. Коренот кај овошните видови црпи извесна количина вода за одржување на тургорот во круната. Во овој период овошките бараат одредена сума ниски температури за да можат нормално да вегетираат во идната година, објаснуваат агрометеоролозите.
Според УХМР, под влијание на влажен бран, утре попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд на пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта кон сабота и во сабота претпладне врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и наместа ќе бидат пообилни (20 л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места. На планините снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места.