Земјоделците ја блокираа Струмица-протестираат против ниските откупни цени и слабиот пласман
Потенцијалниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски најави борба со зелената мафија
Потенцијалниот министер за земјоделство, а сегашен дополнителен министер во техничката Влада, Цветан Трипуновски, најави борба против зелената мафија во Струмица. Според него, има неколку откупувачи и трговци кои печалат врз маката на земјоделците и мора да се стави крај на сето тоа. Трипуновски ова го најави на денешниот протест на прозводителите на домати во Струмица. Тие веќе трет ден реагираат, барајќи повисока откупна цена на стартот од бербите, но и да се стопира евентуален увоз на домати од Албанија, објави https://sdk.mk/
„Дојдов овде за да им дадам поддршка на овие земјоделци, затоа што идната Влада ќе застане зад нив. Ако ме прашувате дали сум знаел што се случува, да, сум знаел. Ова се случува пет години и овде има една групација кои носи едно име и го јаде трудот и маката на земјоделците. Јас ветувам дека тоа во иднина нема да се случува и нема да дозволам. Зелена мафија, кванташка мафија, како сакате. Таму има чесни играчи, но орото го водат нечесни и печалат врз маката на овие луѓе“, рече Трипуновски
Тој најави дека утре ќе има средба со откупувачите за да го слушне и нивниот став, па ќе излезе со конкретни решенија. Како што кажа, знае како се движат цените во соседството и колку домати се увезувале во земјава.
Земјоделците сметаат дека цена од 25 денари за килограм на почетокот на бербите е нерентабилна и не ги покрива производствените трошоци. За Васе Митушев, ова ќе излезе ептен лоша сезона и покрај барањата на Владата да се произведува сопствена храна.
„Лошо поминавме со зелката, со краставиците, компирот, сега и со доматите. Мора некој да застане да не заштити. Има ли државата контролен механизам да даде одредени гаранции? Сите знаеме што се случува со откупот, но никој ништо не презема“, вели Митушев.
Ване Трајков