fbpx
Агро бизнисВестиМлад земјоделецРурална ЖенаТоп вести

Земјоделците не се жалат од работа само бараат реално да им се цени трудот

Семејството на Ангелина и Роберт Ујгуноски од пелагониското село Боротино живее од земјоделие, од производство на тутун и пиперка ајварка.

Семејството на Ангелина и Роберт Ујгуноски од пелагониското село Боротино живее од земјоделие, од производство на тутун и пиперка ајварка. Ангелина е родена во Скадар Албанија, се омажила тука во Пелагонија, а повеќе од 17 години работи земјоделие и чува фарма со крави. Таа зборува македонски како да е родена Македонка, а вели дека ако човек има желба се може да научи во животот и друг јазик и друго писмо, и може да ја научи секој работа иако во родниот Скадар, била градско дете и нејзината фамилија никогаш не работела земјоделие. Со земјоделие и начинот на одгледување на земјоделските култури за прв пат се сретнала во Боротино како млада невеста, па ни шега вели дека кога за прв пат видела леи со расад за тутун си помислила дека се марули.

Ангелина не се жали од животот на село, не се жали од работата и маката што ја живеат секојдневно земјоделците, но жали што земјоделецот не се вреднува, а неговиот производ не се цени реално. Смета дека ниту еден земјоделски производ не е платен според цената на чинење на производството, туку колку да не е за џабе, се предава под цена.

-Маките ни почнуваат од февруари и траат се додека не заврши откупот на тутунот. Цели 100 дена сме на нива и береме тутун, да знаете само колку болат нозете кога се бере тутунот од најдолните листови. Наведнат, подвиткан на температури некогаш и повеќе од 40 степени, како мравки брзаме се да постигнеме навреме. Работиме од 3 и пол часот рано наутро, па се до доцна вечерта. Ни страдаат фамилиите, децата ни се оставени само да постигнеме за гола егзистенција, леб нема време кога да јадеме и накрај откупните цени се катастрофални, вели Ангелина во разговор за Зелена Берза.

Ова тутунарско семејство годишно произведува околу 2.8 тони „жолто злато“. Семејството Ујгуноски во Боротино обработува и 10 декари црвена пиперка ајварка, а чува и фарма со 10 крави и телиња. Обврска на Ангелина е и фармата, да се нахранат и измолзат кравите да се предаде млекото.

Сепак, Ангелина е оптимист дека состојбата со земјоделието во нашата држава ќе се подобри, дека трудот и маката на земјоделците ќе се ценат реално, а родот ќе им се откупува по цената на чинење. Зашто како тргнала работата со инфлацијата, поскапувањето на репроматеријалите, земјоделското производство ќе чини се поскапо, а ако не ја добијат реалната цена многу од нив ќе се откажат од земјоделието.

https://zelenaberza.com.mk/angelina-ujgunoska-ne-se-zhalime-od-rabota-sakame-tutunot-realno-da-se-czeni-i-da-se-plati/

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close