Земјоделие на шкрги

(Oвој напис е објавен на: May 8, 2019)

Од наш агол

Земјоделската мака нема крај. Најчестата изрека на земјоделците – „родот  наместо на пазарите  ни  отиде по каналите“ за жал е нашата  сурова  реалност. Секој ден се јавуваат вишоци на земјоделски производи, а од пласман нема ниту „П“.

Под која и да е капа македонското земјоделство, тоне, ли тоне. Потврда за тоа е и податокот што Македонија секоја година троши се повеќе пари за увоз на земјоделски производи.

Клучните прашања кои ги тиштат  земјоделците се јасни како ден. Што да се произведува? Со кои пари да се поддржи тоа производство? И накрај, каде да се пласираат земјоделските производи?

Првото прашање е и најтешко, што да се посее, што да се засади кога никој однапред не знае по која цена ќе го продаде или ако сакате дали воопшто ќе го продаде. Секоја земја која држи до себе, која сериозно го организира и контролира своето земјоделско производство, должна е во секој момент да знае што се случува со нејзиното примарно земјоделско производство – растително и анимално. Но, јасно е дека ова фундаментално  прашање  има свое решение само во рамки на силен, темелно организиран систем на мониторинг, а таков за жал државата нема.

Вистината е дека грото од земјоделците се оставени  сами на себе, нема кој да ги посоветува, па произведуваат „од ракав“ и по многу нешта несоодветно  за модерните европски пазари. Начинот на производство најчесто е архаичен и не дава квалитет, па земјоделците се пред  нов тест- каде да го пласираат ваквото производство?

А државата за да го замачка, размачканото, мора да субвенционира со дебели пари. И така година за година се’ се врти во круг, а кругот станува се потесен. Младите си заминуваат  в град или таму некаде во туѓина, а оние што останаа фатија џаде кон индустриските зони . Барем, таму велат лебот им е сигурен.

Дилемата е отворена, што треба да направиме за силно земјоделство?

Да се реши проблемот со необработеното државно земјиште, со неговата распределба. Да се инвестира во наводнувањето. Да се направи стратегија за  пласман на родот. Однапред да се дефинираат откупните цени. Да се направат големи преработувачки капацитети и да реши проблемот со вишокот производи. Да се сузбие нелојалната конкуренција. Да се прекине со небулозната  распределба на субвенции  дури и за лошо и непотребно производство, туку да се субвенционира стратешкото производство.  Да се решат проблемите со ѓубривата, насадите, осовременувањето на сортите…

И што сега? Пред нашето македонското земјоделство има илјада „зошто“ и илјада „затоа“. Но, од некаде треба да се почне. Власта која и да е, треба да прекине со импровизации во земјоделството, со популистички мерки кои државата ја чинат со милиони и милиони евра, а наместо напредок не враќаат назад. Потребни се стратегиски и итни мерки зошто вака како што е земјоделието ни дише на шкрги.

 

Анета Блажевска