fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделски исчекор кон здружување и окрупнување

Целта во земјоделството би била секое слободно парче земја во иднина да се стави во функција за производство на храна!

Идејата за земјоделско задругарство станува конјунктурна

Раситнетото земјоделско производство и разбиените парцели се едни од причините што генерираат проблеми во низа за македонските земјоделци, кои и поради наведеното се изложени на ниски откупни цени и неможноста за подобар пласман на своите продукти. Во тој контекст, во разговор со повеќе соговорници и во повеќе наврати се издвојува идејата за окрупнување, и на парцелите и на здружувањето на ситните земјоделски производители.

Што значи идејата за заедничко задругарско здружување

Имено, нашиот земјоделец сѐ уште е недоверлив во идејата за заедничко здружување заради подобрување на својата конкурентност преку заеднички вложувања и набавка на репроматеријали, заеднички маркетинг и продажба на земјоделските производи, како и преработка на примарните производи. Во Македонија интересот на земјоделците за здружување во задруги е на ниско ниво. Во регистарот на земјоделски задруги во периодот од 2013 до првата половина од 2022 година се запишани 67 земјоделски задруги, со вкупен капацитет од околу 3.300 хектари обработлива површина, 8.460 пчелни семејства, 858 грла говеда, 584 кози и 5.458 овци. Вкупниот број земјоделски стопанства здружени во задруги е 840. Од вкупно запишаните 67 земјоделски задруги, 38 земјоделски задруги се активни, додека другите 29 земјоделски задруги не ги исполнуваат законските услови за добивање финансиска поддршка.
За разлика од македонското искуство, во Србија по повеќедецениското искуство со „задругарството“, здружувањето на индивидуалните производители повторно добива на важност. Задругарството во оваа наша соседна земја доживува ренесанса, а во последните години заживеале повеќе од 1.100 нови земјоделски задруги. Клучната разлика кај современиот концепт на земјоделски задруги е во тоа што земјоделците сега не ги внесуваат и своите имоти и опрема, туку се насочени само кон пласманот на производот! Благодарение на новата форма на задругарство, српските земјоделци полесно го наоѓаат патот до купувачите и постигнуваат подобра откупна цена. Тие го користат и принципот на набавка на големо, со што добиваат и пониски цени за семенскиот материјал, за набавка на средствата за заштита на растенијата, како и за набавка на земјоделска механизација. Интерес за поголемо здружување на земјоделците пројавиле и големите трговски синџири, кои сакаат да работат преку т.н. агрегатори, односно посредници што обединуваат повеќе мали земјоделски производители, кои заеднички настапуваат при формирањето на цените на производите. На овој начин земјоделците добиваат сигурен пласман, а трговците сигурно и континуирано снабдување од локални производители на храна.

Едноставен модел што функционира и во Холандија, Данска и Германија

Ваквиот начин на задругарско земјоделско производство е најповолно за производителите на градинарски производи, кои најлесно наоѓаат пласман на домашниот пазар. Предноста за нив се состои во сигурна наплата на испорачаните производи, а полесно доаѓаат и до големите откупувачи, што не би било случај кога би настапувале индивидуално. Ова е моделот на затворено производство од нива до трпеза, кој функционира во западноразвиените економии, а особено во Холандија, Данска и во Германија. Основата на овој модел е во еден круг на субјекти да се одвиваат производството, преработката и пласманот на финалните производи, со намалување на вкупните трошоци, а со тоа и се подобрува продуктивноста на земјоделските стопанства.
Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во изминатите години во програмите за финансиска поддршка на руралниот развој континуирано работи на мерки што ќе придонесат земјоделците да се здружуваат. Активностите за поддршка на здружувањето на земјоделците во земјоделски задруги се содржани во мерката „економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење земјоделска дејност“ од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022, во која се предвидени финансиски средства за поддршка за инвестиции за следните намени: помош за основање и функционирање на земјоделските задруги и организирање информативни и промотивни активности за земјоделски производи.
Обединувањето, односно здружувањето на земјоделските производители во организации на производители овозможува концентрација на земјоделското производство, планирање и адаптирање на производството во согласност со побарувачката на пазарот во однос на квалитетот и квантитетот на понуденото количество, намалување на трошоците за производство, зголемување на преговарачката моќ на земјоделските производители при склучувањето на договорите со трговците на големо и трговците на мало, како и постигнување подобра реализација на пазарот.

Целта во земјоделството би била секое слободно парче земја во иднина да се стави во функција за производство на храна!

Повеќе на https://novamakedonija.com.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close