Земјоделските култури спасени од ниските температури
Состојбата со есенските посеви е според очекувањата. Ова го потврдуваат првичните проценки. Но за да се овозможи правилен раст и развој на културите потребно е што побрзо да се изврши прихрана. Додека со рано градинарските култури потребно е да се почека зголемување на температурите , затоа што постои опасност од замрзнување на семето , бидејќи ноќните температури паѓаат под нулата.
Оштетувањата кај есенските посеви од многу ниските зимски температури се минимални, велат земјоделците. Онака како и што предвидуваа земјоделските стручњаци високата снежна покривка ги заштити земјоделските култури од минусните температури. Она што е неопходно во оваа состојба е прихраната, со цел да им се овозможи на културите правилен раст и развој и да го издржат овој за нив многу стресен период.
Овој период е многу стресен за културите, бидејќи дневните температури се зголемуваат , а ноќните температури се уште ниски. Земјоделските советници велат дека токму поради ова е потребна прихраната, но при тоа треба да се внимава на препаратите кои се користат и да соодветствуваат на потребите на растенијата . Најдобро е да се употребува прихрана со калиумов нитрат како и уреа со 27 – 46% азотно ѓубриво.
Земјоделците стануваат свесни за климатските промени и нивното влијание во земјоделското производство и ги почитуваат советите од експертите за примена на сертифицирани семиња.
Настрана од житните култури земјоделците треба да внимаваат со градинарските култури, велат експертите. Иако оптималниот период за овие растенија е до средината на идниот месец рано е да се почне со сеење семе во леи, бидејќи ноќните температури , кои некогаш се и под нулата, може да наштетат на семето и да го уништат. Временските услови не се многу поволни за расејување.
Освен на ова земјоделците треба да бидат подготвени на климатските промени, за кои експертите велат дека во иднина се повеќе ќе се чувствуваат. Токму затоа земјоделците треба да размислуваат за осигурување на своето производство, за што може да аплицираат и да искористат мерка што им ја нуди државата за покривање на 60 % од потребната сума за осигурување. На тој начин го осигуруваат своето производство , град, снег, мраз и поплави .