Земјоделско- прехранбен сектор: Извозот лани зголемен за 9%
Земјоделско- прехранбениот сектор има голем потенцијал за раст на извозот. Експертите препорачуваат зголемување на извозот на производи со поголема додадена вредност, како и вклучување во понудата на нови и атрактивни видови овошје и зеленчук, што се повеќе ги бараат странските пазари. За 10 години вредноста на извозот на македонски земјоделско прехранбени производи е зголемена за 75 проценти.
Бројките покажуваат дека лани домашниот земјоделско- прехранбен сектор на странските пазари пласирал производи вредни 530 милиони евра, што е за 9% повеќе во однос на претходната година. Истовремено увозот растел побавно и бил зголемен за само 2,5%, но годината е завршена со дефицит во размената од 188 милиони евра. Сепак тоа е подобар резултат од 2015-та, кога дефицитот надмина 214 милиони евра.
„Количински имаме зголемен извоз за 6%, меѓутоа бројката вака изгледа прилично добро, но ако се знае дека најголемото зголемување е кај пијалоците и кај тутунот додека кај сите други сектори имаме намалување, што значи дека оваа бројка не го прикажува реално овој сектор“, изјави Васко Ристовски, Здруежение за земјоделство при Стопанската комора на Македонија.
„Треба да се цели кон зголемување на таа вредност, значи да се оди кон преработки, на некои производи доработки, а кај други производи кон целосна преработка на земјоделските производи, за да не оди како сега, би рекол рефус извоз, туку да оди со повисока додадена вредност. Пример македонското вино, кое пред 15 години одеше најголем дел како наливно вино, а сега се повеќе расте извозот, се извезува во шишиња и наоѓа свое место на странските пазари“, изјави проф. д-р Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Експертите се едногласни, земјоделско прехранбениот сектор има извонредни потенцијали за раст на извозот, но потребни се дополнителни вложувања и поддршка од државата. Кај производството на зеленчук и овошје и на нивините преработки Македонија има компаративни предности и тоа треба да се искористи, вели Димитриевски, но треба да се воведуваат и нови производи кои ги бара странскиот пазар
„Се повеќе се подигаат нови насади со атрактивни и барани овошни видови на пазарите. Тука сигурно дека една од компаративните предности е релативно пониската цена на чинење која можеме да ја обезбедиме, пред се преку поевтината работна сила и тоа треба да се поддржува преку мерките на аграрната политика. Преку поинтензивно вложување во земјоделството, како што е последниве 10 –тина години и дава резултат што сега го имаме. Анализите велат дека во перидот 2005-2014 вредноста на извозот на земјоделско прехранбените производи е зголемена за 75% и ова може да продолжи, затоа што во одредени подсектори се уште има резерви“, вели проф. д-р Димитриевски.
Се отвораат нови пазари за македонските извозници на храна, пред се рускиот и огромниот кинески пазар, земјите од Блискиот исток, велат од Стопанската комора. Направени се и конкретни чекори со отворање македонски павиљони преку кои се остварува директен контакт со тамошните увозници, а се учествува и на најголемите саеми.
„Тоа практично знали дека само оние што се големи и извозно ориентирани компании можат да иззвезуваат. Сега прашање е колку тие процентуално се големи. Оние што се големи и имаат конкурентни произвози, а колкав е процентот на оние што се мали и не се извозно ориентирани. Тие за жал се судираат со нелојална конкуренција поради увоз од соседните земји и од ЕУ. Сепак идната година главен предизвик ќе биде како да се задржи домашниот пазар“, изјави Ристовски.
Подобрувањето на условите за искористување на средствата од ИПАРД програмата, гарантниот фонд, субвенционирањето даваат можности за зголемување на продукцијата на квалитетни земјоделско- прехранбени производи, од кои најголем дел ќе бидат извезени на странските пазари, велат од Стопанската комора.