Жените земјоделки трпат традиционална дискриминација – мнозинството без платен труд, едукација и право на имот
Околу 77% од руралното население кое се занимава со земјоделство е во категоријата „неплатен труд“. Ова е уште повидливо кај руралните жени, од кои 63% се водат како неактивни. Немаат пристап кон едукација, многу малку од нив се вработени, а доколку се вработени добиваат само половина од платата што би ја земал вработен маж во земјоделството. Исто така, руралната жена е лишена и од правото на имот. Само 5% се сопственици на имот и на земјиште. Во вакви услови, руралната жена не е ни свесна дека има традиционална дискриминација кон неа.
Овие загрижувачки податоци денес беа презентирани во склоп на „Повеќедимензионалната анализа за сиромаштијата во Република Македонија“, со посебен осврт кон руралните подрачја.
Извештајот го изработи Федерацијата на фармерите во партнерство со Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ и во консултација со Македонската платформа против сиромаштија, а покажа дека руралната сиромаштија претставува сериозен проблем во земјава.
За професорката Емељ Туна од Земјоделски факултет ова е посебно алармантно ако се земе предвид фактот дека околу 87% од вкупната територија се карактеризирани како „рурални подрачја“, каде, пак, живее околу 45% од вкупното население.
„Истовремено, тие рурални подрачја трпат опустошување, депопулација со големата внатрешна миграција – околу 34 %. Односно 34 % од руралното население веќе мигрирало во урбаните центри. Ако се додаде на тоа и надворешната миграција, тоа е веќе сериозен проблем не само за руралните средини, туку и за државата воопшто. Сиромаштијата како појава влијае и е под влијание на многу фактори од микро и макро ниво“, рече професорката Туна, која е една од авторите на анализата.
Според Билјана Петровска – Митревска од Федерација на фармерите на РМ, најголем удар од сиромаштијата трпат социјалните случаи, односно домаќинствата кои што живеат од социјална помош.
„90 % од нив живеат во сиромаштија. На следен чекор се земјоделските домаќинства, кои што остваруваат приход само од земјоделство – 57,4%. Токму тука се и оние домаќинства кои егзистираат од привремено вработување со 57,3%. Навистина сиромаштијата во руралните средини е на високо ниво. Од различните аспекти што ги анализиравме, покрај тоа што руралното население е со ниски приходи, истовремено е евидентен и ограничениот пристап до здравствени и образовни институции, до инвестициски фондови, исто така и лоша инфраструктура…“, забележа Петровска – Митревска.
Со анализата издвојувале три групи на рурално сиромашни домаќинства. Оние што остваруваат приход само од земјоделство, потоа повеќечлени домаќинства каде се и старите лица без пензија, лица со инвалидитет, привремено вработени или сезонски работници, а третата група се хронично-традиционално сиромашни семејства.
„Тоа оние стари лица без приходи, без право на пензија, со инвалидитет и попреченост, но и семејства кои немаат воопшто приходи, туку нешто одгледуваат колку да се прихранат“, рече претставничката од Федерација на фармерите.
Без разлика дали се работи за урбана или рурална средина, нагласи таа, најпогодени граѓани се младите, жените и децата со инвалидитет и попраченост. Во однос на етничката припадност, пак, најпогодено е Ромското население.
„Она што се дава како препораки е руралната средина да заживее. Прво да се внесат инвестиции. Да постои креирање на политики. Кога зборуваме за рурална средина, не можеме да кажеме дека политиката за земјоделство треба да ја опфати единствено Министерство за земјоделство, туку и Министерството за труд и социјала. Понатаму, мора да се направи стратегија за заштита на населението, кое според Светска банка со климатските промени е втурнато во сиромаштија. Мора да има адаптација, интервенција кон климатските промени. Нормално тука влегува и договорното производство и инвестициите. Проблем е и што кога станува збор за кредити, се’ уште не е вредувано земјоделското земјиште, односно се’ уште се третираат како кредитно неспособни луѓе. Секако, мора да се спомене и ниското ниво на образование“, заклучи Петровска – Митревска.
Инаку, анализата опфаќа статистички податоци од 2008 – 2016 година. Користени се официјални податоци од Државниот завод за статистика на РМ, Светска банка, УНДП, од различни Стратегии од државни институции. Студијата е направена врз основа на мултидимензионална алатка развиена од Шведската интернационална агенција за соработка (СИДА) и е користена алатка за развој на голем број на стратегии на меѓународни организации во делот на нивна интервенција за борба против сиромаштија.