fbpx
ВестиТоп вести

ЖЕТВАТА ВЕЌЕ ПОЧНУВА, А ПЧЕНИЦАТА НЕМА ЦЕНА: Родот на житото е добар, ама дали ќе се офајдат земјоделците?

Мерките со кои изминативе години се субвенционираше складирањето на житото по силосите, според земјоделците, не се соодветни и немаат голем ефект, особено во година како оваа кога родот на жито е голем не само кај нас туку и во регионот од каде се диктираат ниски цени и од каде увезуваме евтино брашно

На почетокот на жетвата земјоделците се уште не знаат по која цена ќе им се откупува пченицата. Нивниот став е дека цената на пченицата треба да биде 12 денари за килограм и дека државата преку стоковите резерви треба да се вклучи во откупот.
Мерките со кои изминативе години се субвенционираше складирањето на житото по силосите според земјоделците не се соодветни и немаат голем ефект, особено во година како оваа кога родот на жито е голем не само кај нас туку и во регионот од каде се диктираат ниски цени и од каде увезуваме евтино брашно.

Годинава се проценува дека ќе има пазарен вишок од 160 илјади тони на лебно жито. Од друга страна, поради врнежите ожнеана пченица не може да се чува по амбарите, зашто ќе се расипе и ќе и се намали квалитетот.
-Ние очекувавме овие денови, како што ветија од ресорното министерството, да се даде една препорачана цена, по која би се ориентирале земјоделците, меѓутоа до сега се уште ја нема таа препорачана цена и затоа земјоделците не знаат што да прават, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци на РМ.

Некој од откупувачите веќе се обидуваат да наметнат цена од 8 денари, што ни од далеку не ги задоволува потребите на производителите. Таков е случајот во Пелагонија каде пченицата на некои откупни пунктови веќе се откупува по цена од 8 денари за килограм.

– Пченицата почна да се откупува по 8 денари за килограм. Најчесто тоа се откупувачи кои пченицата ја откупуваат за грчки фирми. Обично тие велат дека пченицата е ‘ртена и им ја спуштаат цената на земјоделците, што не така. Оваа цена е далеку од рентабилна и не ги покрива ниту производните трошоци, вели претседателот на Сојузот на земјоделци на РМ, Вељо Тантаров.

Според него, лошо и се пишува на пченицата, бидејќи најголемите производители најавија дека ова им е последна година во производство на пченица и оти ќе ги остават празни површините кои се земени од државата на концесија.
Во врска со пченицата, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски истакна дека производната цена се уште не може да биде објавена зашто допрва треба да почнат жетвата и откупот.

-За разлика од минатата година кога стоковите резерви пред жетвата се продаваа по 6 денари за килограм што влијаеше да се спушти цената надолу. Сега Владата не дозволи слободните резерви кои ги има Агенцијата за стоковите резерви да се откупат токму во периодот на жетвата. Веќе се во тек лотовите за 13.000 тони пченица која ќе биде откупена, а ги направивме и сите административни промени за да може и земјоделците да учествуваат на помали лотови од 100 до 500 тони пченица. На тој начин ќе се изврши стабилизирање на цената на пазарот, изјави Николовски.

Според него, годинава се очекува постојано да се зголемува цената на пченицата пред откупот. Тој додаде дека во наредниот период, ако е потребно, заедно со производителите и мелничарите ќе се носат нови, дополнителни мерки.

 


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close