Зголемен интерес за ИПАРД 2, досега реализирани 6 милијарди денари
Од Агенцијата за развој на земјоделството и рурален развој информираат дека од предвидените 8 милијарди 576 илјади денари веќе се реализирани 6 милијарди денари. До крајот на годината остануваат да се реализираат уште две милијарди и 600 илјади денари. Олеснителна околност за земјоделците е тоа што сега критериумите за аплицирање беа олеснети во споредба со претходниот циклус, а покрај тоа земјоделците имаа и советодавната логистика
Зголемен е интересот на земјоделците за користење на парите од ИПАРД 2 програмата. За разлика од претходните години кога најмногу се аплицираше за обнова на механизацијата, сега се бара кофинансирањата и на инвестициите за обновливи извори на енергија и за развој на руралниот туризам.
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој информираат дека од предвидените 8 милијарди 576 илјади денари веќе се реализирани 6 милијарди денари. До крајот на годината остануваат да се реализираат уште две милијарди и 600 илјади денари.
– Во наредниот период ќе се потрудиме со овие луѓе со кои располагаме во Агенцијата да ги обработиме веќе пристигнатите апликации за ИПАРД 2, истакна директорот на АФПЗРР, Никола Бабовски, бидејќи како што рече за првична обработка на една апликација потребни се од шест до девет месеци.
Олеснителна околност за земјоделците е тоа што сега критериумите за аплицирање беа олеснети во споредба со претходниот циклус, а покрај тоа земјоделците имаа и советодавната логистика. Tака што буквално секој земјоделец можеше да аплицира за европските пари.
Зголемениот интерес е и поради подобрените услови. Наместо досегашните 50 проценти стапката на кофинансирање во првата мерка за инвестиции во земјоделските стопанства се зголеми и до 70 проценти во планинските неразвиени подрачја.
Исто така, новина беше и тоа дека прифатлив сектор за инвестирање се и вложувањата во житните култури и во обновливите извори на енергија. Дел за сопствено користење на енергијата, а дел за продажба.
На земјоделците и бизнис операторите на располагање им беше и Гарантниот фонд за покривање на дел од хипотеката за земениот кредит, субвенции за покривање на трошоците за половината од банкарските камати и готови бесплатни типски проекти за фарми.
Целта на ИПАРД 2 програмата е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската унија и постигнување на одржлива животна средина и социоекономски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.
Финансиските средства од ИПАРД 2 програмата се наменети за инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и диверзификација на фармите и развој на бизниси.