fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Зголемена побарувачката за ајварка пиперка во Куманово, се продава од 38 до 45 денари за килограм

Цените се слични како минатата година

Нема големи промени на цените на земјоделските производи на зелените пазари во Куманово во однос на минатата година. И производителите и препродавачите велат дека цените се слични со ланскиот септември кога е сезона на подготовка на зимници. Различно е тоа што оваа година има поголем интерес од граѓаните, најверојатно поради стравот од кризата што се најавува.

„Има поголема раздвиженост и заинтересираност за сезонскиот зеленчук. Најголема побарувачка има за црвената пиперка за подготовка на традиционалниот ајвар и нивната цена се движи од 38 до 45 денари за килограм ако се купува на големо. За помали количини цените се околу 50 денари“, велат продавачите.

Тие додаваат дека побарувачката е стандардна за овој период од годината и не е забележан пад во однос на лани, а и цените се слични како минатата година.

„Оваа година има поголем страв кај граѓаните поради економско – енергетската криза, па дури и оние што ретко приготвувале зимница сега во помали количини, но сепак ставаат по нешто за зимата што доаѓа“, кажуваат продавачите.

Белите пиперки за печење се продаваат по цена од 30 ден, а шарениот по цена од 40 ден за килограм. Понудата на везениот пипер е веќе намалена и се продава за 50 до 80 денари за килограм. Модриот патлиџан главно се продава на големо по цена од 200 део 250 денари за вреќичка, а цената на парче е 50 ден за кг. Корнишоните се продаваат по цена од 250 денари. Карфиолот и годинава има висока цена од 150 ден па нагоре. Веќе се појавуваат и врзопи од праз кои се околу 50 ден, а денеска на зелениот пазар се забележуваше и млад кромид за 30 ден од врзопче. Зелката е 30 ден за килограм, а овогодишниот грав 160 ден за килограм.

Граѓаните велат дека и покрај се остануваат верни на традицијата и се трудат да приготват барем по малку од македонскиот ајвар, лутеница, пинџур, малиџано, жива туршија или руска салата, особено во семејствата каде има деца.

„Ние пензионерите навикнати сме да си спремиме за зимата и затоа сме редовни посетители на тезгите на пазарот. Зимата е долга, ќе мора нешто да се јаде“,  коментираат и продолжуваат да си разгледуваат по тезгите.

На Зелениот пазар во Куманово голема е и понудата на сезонско овошје. Има богат избор на увезено, но и домашно овошје. Квалитетни ресенски јаболка се продаваа 3 килограми за 100 ден, за иста цена може да се најде и белото и црното грозје, како и модрата слива. Произведувачите што продаваат помали количини грозје и слива го нудат за цена од 50 денари.

Она што е воочливо што на тротоарите околу Зеленииот пазар се тргнати тезгит, а може да се забележи само по некој ситен продавач, кој во кофа, гајбичка или кутија ги нуди своите производи. Ги нема ни комбињата и возилата кои својата стока ја нудеа директно од багажникот. https://www.kumanovonews.mk/vesti/zgolemena-pobaruvackata-za-ajvarska-piperka-vo-kumanovo-se-prodava-od-38-do-45-denari-za-kilogram

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close