Житариците и млекото се клучни земјоделски производи во Европската унија
Во Македонија континуирано се намалува домашното производство
Житариците и млекото се клучни земјоделски производи во Европската унија. Вредноста на вкупното производство на житни култури во ЕУ достигна 64,4 милијарди евра во 2021 година, а на млекото беше 58 милијарди евра. Двата производи заедно создаваат скоро 30 проценти од вредноста на вкупното земјоделско производство.
Ова го објави европскиот статистичи центар „Евростат“, кои ги открија регионите кои произведуваат најголем дел од житните култури, но и кои се најголемите производители на млеко и млечни продукти.
Кастиља и Леон произведуваа најголема вредност на житарици
Во Европската унија има 10 региони кои произведоа житни култури во вредност од повеќе од 1 милијарда евра во 2021 година.
– Регионот на ЕУ кој произведуваше житни култури со најголема вредност во 2021 година беше Кастила и Леон во Шпанија, каде се произведени житарици чија вредност достигна дури 2,3 милијарди евра. Веднаш зад нив следи регионот Centre-Val de Loire во Франција чија вредност достигна 2,2 милијарди евра. Помеѓу другите 8 региони кои произведоа житни култури во вредност од над 1 милијарда евра во 2021 година, уште 4 беа во Франција (Шампањ-Арден, Пеј-де-ла-Лоара, Пикарди и Поату-Шарент), 2 во Романија (Суд-Ест и Суд – Мунтенија), еден регион во Литванија (Vidurio ir vakaru Lietuvos regionas) и друг регион во Шпанија (Арагон) – пишува во анализата на „Евростат“.
Јужна Ирска произведувала најголема вредност на млеко
„Евростат“ посочува дека земјоделството во другите региони на ЕУ беше повеќе ориентирано кон производство на млеко. Регионот што произведувал најголема вредност на млеко во 2021 година бил јужниот дел на Ирска. Имено, таму било произведено млеко во вреднсот од дури 2,4 милијарди евра. Потоа следува Бретања во Франција со 2 милијарди евра вредност, па Ломбардија во Италија каде вредноста на произведеното млеко достигнала 1,8 милијарди евра.
– Дополнителни 5 региони создадоа млеко во вредност од најмалку 1 милијарда евра: Пејс-де-ла-Лоара и Долна Нормандија во Франција, Везер-Емс и Шлезвиг-Холштајн во Германија и Галиција во Шпанија – потенцира „Евростат“.
Во Македонија континуирано се намалува домашното производство
Нашиот статистички центар не располага со волку детални податоци за вредноста на производството на житени култури и млеко во земјава.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2022 година производството на млеко достигнало 324.290 илјади литри млеко, што е за 0,7 отсто помалку отколку во 2021 година.
Кај житните култури, податоци велат дека интересот се намалил во 2022 година, кога биле засеани 158.798 хектари земја со нив, додека во 2021 година биле засеани 161.441 хектари.
Извор https://faktor.mk/