Жителите на Сирково побараа помош од градоначалникот на Росоман за да добијат приклучок кон патот Градско-Прилеп
Ако не може приклучок, барем влез и излез да имаме кон новиот пат.
Градоначалникот на Росоман да реагира кај надлежните државни институции во врска со проблемот на жителите на село Сирково, кои бараат приклучок кон новиот брз пат Градско-Прилеп и да се вратат во првобитна состојба двата патни правца кои се користат при градбата на новата делница. Ова е заклучокот од седницата на Советот на росоманската општина, за кој информираше Веле Коцев, претседател на месна заедница Сирково.
– Побаравме од локалната самоуправа да се испратат барања до Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта за исполнување на нашите барања. Ако не може приклучок, барем влез и излез да имаме кон новиот пат. Да не останеме слепо црево и во иднина патот да го гледаме на двеста метра, а да мораме со километри да вртиме да се приклучиме на тој брз пат. Ја добивме поддршката и од градоначалникот и од советниците во Советот на општината, соопшти Коцев.
Тој потсети дека проблемот е од 2015-2016 година и оти во ноември и почетокот на месецов протестираа со цел негово решавање.
– Приклучокот е од витално значење и од голема важност за над 500 жители на селото Сирково, но и за сите оние кои доаѓаат за викенди овде. Второ по големина село сме во општината. Ова прашање е значајно за животот, опстанокот и развојот. Знаеме што значи комуникацијата со останатиот дел од државата, дециден беше Коцев.
Тој додаде дека можно е радикализирање на состојбите и блокада на постоечкиот регионален пат Градско-Прилеп, доколку надлежните не го решат нивниот проблем.https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=445654