fbpx
Вести

Животните предизвикуваат над 60 проценти од болестите кај луѓето

krava

Вкупно 61 процент од заразните болести во светот се предизвикани од животните. За превенирање, нивно сузбивање и искоренување неопходна е соработка меѓу ветеринарните и здравствените служби на локално, регионално и глобално ниво, порачаа учесниците на конференцијата „Едно здравје“ што се одржува во Скопје, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Според нив, се почесто нови болести се појавуваат на нашето поднебје иако досега тука воопшто  не постоеле, ниту биле специфични.

– Нови видови инсекти, преносители на болести, пронаоѓаат патишта и адекватен амбиент за опстанок во Европа каде досега не биле присутни. Таков пример е јазлеста кожа со која првпат се соочивме во 2016 година, изјави директорката на Администрацијата за безбедност на храна од Црна Гора, Весна Даковиќ.

Како што рече директорот на АХВ Зоран Атанасов, здравјето на луѓето зависи од здравјето на животните, растенијата и животната средина, а за да се подобри, неопходно е континуирано јакнење на националниот систем за безбедност на храна, ветеринарното и хуманото здравство.

– Исклучително е важно и опсервирањето, постојаното надгледување, како и подготвеноста за навремено реагирање во координација со сите служби, подвлече Атанасов.

Оценка на заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски е дека освен здравствен, влијанието на болестите кај животните кое често се одразува и врз луѓето, има и економски, како и социјален карактер.

Конференцијата завршува денес, а учествуваат претставници од надлежните институции од сите земји во регионот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close