fbpx
Без категоријаВестиСовети

Зошто треба да побарате регистриран сервис за поправка на возила и механизација?

Врз основа на груби проценки, постојат повеќе од 65% нерегистрирани сервиси за автомобили, а што се однесува на оние за земјоделска механизација, сигурно ги има и повеќе. Причините, зошто еден мајстор не сака да ја регистрира својата работа, најчесто се поради нелојалната конкуренција која преферира работа „на црно“, скапа опрема за работа и делови, а на крајот и поради високите давачки кон државата. Во следните редови, правиме анализа зошто еден земјоделец, својата машина треба да ја препушти на мајстор со пријавена фирма.

Проблемот во нерегистрираните сервиси, пред се е во конкуренцијата која одлучувајќи да работи во т.н сива зона, својата работа ја наплаќа пониско отколку регистрираните сервиси, со надеж дека така ќе привлече повеќе муштерии – затоа што ќе биде „поповолен“. Всушност, во тие нерегистрирани сервиси, услугите се и над 20% поевтини, онолку колку што се заштедува на неплатеното ДДВ.

Причината е дека поради нискиот стандард, многу земјоделци, често се определуваат за неовластени сервиси, точно поради ниската цена на услугите. Но, за „поволната“ цена за која не добивате фискална сметка, не добивате ниту гаранција за направената поправка. Така, често се случува, после употреба од еден месец, повторно да се расипе истиот дел, кој претходно е поправен, а регистрираниот сервис најчесто нема да прифати да ја преправа туѓата работа.

Освен што ја обезвреднуваат својата работа со ниска наплата на услугата, нерегистрираните сервиси користат и евтини делови за поправка. Евтините делови купени на плацевите и пазарите, често се и неадекватни, од неквалитетен материјал и дополнително можат да го оштетат остатокот од машината, така што целокупната штета оттаму е и поголема.

Најголемата причина, зошто треба да ги избегнувате нерегистрираните сервисери е одговорноста кон себе и кон останатите учесници во сообраќајот или во близина на вашата земјоделска машина. Гаранцијата од 6 месеци и повеќе на извршената услуга, претставува знак дека во текот на изведувањето на земјоделските активности, помали се шансите нешто да се „откачи“, скине, скрши или да ги загрози оние што се во близина, поради неадекватна поставеност.

Вистина е дека печатот на хартија, не значи и стручност и знаење на еден мајстор. Но, денес многу сервисери на земјоделска механизација, специјализирани се и за одредена марка на агро машина, за поправка на тракторите на ИМТ, ТАФЕ или Џон Дир, како и на приклучната механизација, што е дополнителна гаранција на работата на мајсторите од регистрираните сервиси, затоа што освен вистински алат поседуваат и знаење и стручност во поправката на машината, а тоа често е и најважната гаранција.

Најголемата причина зошто треба да ги избегнувате нерегистрираните сервисери е одговорноста кон себе и останатите учесници во сообраќајот или во близина на вашата земјоделска машина.

Проблемот на сивата економија во авто и земјоделската индустрија, за жал не постои само кај нас, туку и во развиените земји, затоа треба да се тежнее кон создавање на деловен амбиент во кој се штитат оние кои легално работат, но и оние кои користат услуги во тие индустрии.

Регистрираните сервисери аргументирано потврдуваат дека ако плаќаме данок – сите ќе имаме, а ние порачуваме дека ќе бидеме и побезбедни.

 

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close