„Тиквеш“ нема да ги израдува малите акционери: Што ќе прави винарската визба со 2,5 милиони евра?

Наместо дивиденда за акционерите, добивката ќе биде реинвестирана.

 Добивката која изнесува 570 денари по акција односно 2,5 милиони евра да биде реинвестирана, предлага Управниот одбор на најголемата македонска винарска визба

Винарската визба „Тиквеш“ да ја реинвестира цената нето добивка остварена во 2017 година, предлага Управниот одбор на акционерите. Ова е предлог одлука што ќе се најде на дневниот ред на акционерското собрание на најголемиот македонски извозник на вино во шишиња и предвидува 153,4 милиони денари да бидат реинвестирани односно во оваа година да се вложат во нови инвестиции во „Тиквеш“. Акционерското собрание на „Тиквеш“ ќе се одржи на 27 јули во Скопје. Со оглед на тоа дека потписник на предлогот е Свето Јаневски, претседател на Управниот одбор и воедно и ко-сопственик на најголемиот акционер –фирмата „М- 6“, не е тешко да се претпостави дека овој предлог ќе биде прифатен на претстојното собрание.

Што ќе добијат и што нема да добијат малите акционери?

Со предлог-одлуката за инвестирање на целата добивка сите акционери меѓу кои и малите акционери (повеќе од 500 кои имаат 16 отсто од управувачките права) нема да добијат дивиденда ниту годинава. Од проста причина што целата нето добивка ќе биде реинвестирана. Но, ќе добијат зголемена книговодствена вредност на акцијата што ја поседуваат. По усвојувањето на одлуката за реинвестирање, книговодствената вредност на акцијата ќе порасне за 528 денари колку е добивката по акција за 2017 година, до износ од 6.172 денари за акција. Со оглед на тоа дека последната пазарна цена на акцијата е околу 4.500 денари уште има простор за раст до книговодствената вредност ако за тоа има расположени инвеститори кои во иднина би очекувале пристојни дивидендни приноси. На пример, ако акционерите одлучеа годинава цената добивка да ја распределат како дивиденда тоа би бил износ од 500 денари бруто дивиденда по акција што на оваа пазарна цена е принос повисок од 10 отсто.

Од друга страна реинвестирањето на добивката треба да значи зголемување на конкурентноста на „Тиквеш“ на домашниот и на странските пазари. Тоа индиректно треба да значи и самоодржливост на компанијата на среден рок или во оптимистичко сценарио и ширење на нејзината пазарна позиција. Тоа во иднина дава шанси и за поголеми очекувања на инвеститорите кои се спремни да вложат во таа акција.

Како работел „Тиквеш“ лани?

Минатата година приходите од продажба на „Тиквеш“ достигнале 1,49 милијарди денари, а вкупниот приход од редовни активности изнесувал 1,57 милијарди денари. Оперативната добивка на компанијата лани била 210,4 милиони денари и во споредба со 2016 година пораснала за 65 милиони денари. Компанијата до сега (во последните четири години) не исплаќа дивиденда. Книговодствената вредност на нејзината акција од 2015 година до 2017 година е зголемена од 5.390 денари до 6.172 денари.

Во првиот квартал оваа година „Тиквеш“ продал производи во вкупна вредност од 5 милиони евра и тоа е раст од 17 отсто во споредба со истиот период лани. На домашниот пазар продажбата изнесува 3 милиони евра, а на странските пазари е 2 милиони евра.


 

фактор

Share Button