вестиТоп вести

Конче е првиот успешно спроведен проект за консолидација на земјоделско земјиште во државата

 

 

Во Општина Конче, Собранието на учесници во консолидацијата на земјоделското земјиште од истоимената општина, едногласно го изгласа предлог планот за распределба на земјоделско земјиште, како завршна фаза во постапката за консолидација во катастарската општина (КО) Конче.

 

Ова претставува првиот успешен проект за консолидација на земјоделско земјиште во Република Северна Македонија, чија цел е решавање на проблемот со прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и подобрување на ефикасноста за земјоделско производство,соопштуваат од Министерството за земјоделство.

 

Консолидацијата на земјоделското земјиште во Конче беше по принципот на распределба на земјишните парцели без промена на граници, на вкупна површина од 28 hа која беше фрагментирана на 101 парцелa, со просечна големина на парцелите од само 0,39 ха. Еден сопственик на земјоделско земјиште во Конче поседува во просек четири парцели кои беа меѓусебно оддалечени повеќе од еден километар. Како последица на оваа неповолна структура земјоделците се соочуваа со високи транспортни и производствени трошоци, ограничен обем на производство, намалени приходи и неможност за примена на современа технологија и агро-технички практики.

Со новата распределба земјишните парцели се групираат и нивната меѓусебна оддалеченост значително се намалува, со што вклучените сопственици на земјиште ќе може да го организираат своето производство со пониски трошоци и со примена на современа земјоделска механизација. Очекуваните позитивни ефекти се зголемување на економичноста во работењето, приносите и обемот на производството и финално, зголемени приходи од земјоделската дејност што треба да придонесе кон подобрена одржливост на руралната заедница во Конче.

По усвојување на предлог планот за распределба на земјиштето од страна на Собранието на учесници, МЗШВ ќе донесе решение за распределба со цел регистрација на новиот план на земјишни парцели во Катастарот на недвижности.

 

Во финална фаза се наоѓа уште еден комплексен консолидационен проект во КО Егри, општина Битола кој вклучува и интервенции во инфрастриктурно подобрување, а наскоро, до крајот на годината ќе започнат теренските активности и кај четири нови проекти во пелагонискиот и брегалничкиот регион – Оптичари, Логоварди, Соколарци и Спанчево.

Успешното спроведување на првиот проект за консолидација со распределба без промена на граници во државата, во Конче, треба да придонесе кон зголемување на свеста за придобивките од консолидацијата на земјоделското земјиште и да го поттикне интересот за вклучување во процесот и на останатите сопственици на земјиште во другите делови од државата.

 

Настанот го организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со поддршка на проектот финансиран од Европската Унија “МАИНЛАНД” кој го спроведува ФАО.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close