Поради зголеменото загадување и квалитетот на амбиенталниот воздух, Владата на Република Македонија издаде насоки на делување до одредени надлежни институции и направи распределба на инспекциските надлежности на инспекциските служби за животна средина на централно и локално ниво.
Во наредниот период, овластените општински инспектори за животна средина, комуналните инспектори, како и градежните инспектори ќе вршат вонредни инспекциски надзори во инсталациите кои подлежат на Б-интегрирани дозволи и Елаборати за животна средина, секаде каде што има значителни емисии во амбиенталниот воздух.
Воведени се двосменски дежурства, за што е направен распoред на расположивите човечки ресурси (инспектор за животна средина, комуналени инспектори и други службени лица од инспекторатот) за попладневни дежурства и дежурства во деновите од викендот при што е потребно постојана придружба односно тимски работа заедно со униформирани лица од Полициската станица од општа надлежност на МВР Битола.
Општинскиот инспекторат во Битола постојано делува на терен и веќе се преземени конкретни активности за лица кои се затекнати на лице место како палат стрништа, а во дел од случаите на терен делувала и територијалната противпожарна единица.
Општина Битола, со цел да се намали загадувањето на амбиенталниот воздух, а истовремено секој да даде свој придонес кон оваа појава, апелира до граѓаните на Општина Битола, да не користат во своите домови за огрев гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла за индивидуално затоплување, паркети, стари дограми итн. Користењето на несоодветни средства за огрев е штетно не само за околината, туку и за воздухот и загадувањето во нивните домови, кое директно влијае врз сите членови на семејството.
Општина Битола ги потсетува граѓаните дека е забрането палење на стрништа и оган на отворен простор. Лицата кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор, или пак поради невнимание предизвикале пожар, подлежат на законски санкции. За намерно предизвикување на пожари, претстојат кривични пријави и предвидени парични и законски казни.
Општина Битола е во постојана комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП „Национални шуми“, во насока на превентивно делување и спречување на појавана шумски пожари.
Доколку граѓаните забележат било каква опаснос тод пожар, или било какво прекумерно загадување на животната средина, да сејават кај раководителот на Општинскиот инспекторат во Битола, Кирил Мицевски на 075/312-460, информираат од општина Битола.