fbpx
ВестиТоп вести

Италијанците ја макаат „буковската  пипер“ со леб, а таа се уште не е креирана како бренд 

 

 

„Италијанците макаат „буковска пипер“ со леб, месото го макаат во неа и уживаат во вкусот“ вака го опишува впечатокот во кратки црти Даниела Мандровска од селото Буково, битолско при неодамнешната посета на Италија, на манифестација каде со поддршка на „Слоу Фуд-Македонија “ги претставила своите производи, мелен „буковец“ и толчена црвена „буковска пипер“. Мандровска три пати по ред присуствува на „Пазарот на локални производи“ во Битола, што се одржува во организација на  „Слоу Фуд-Битола“ и „Слоу Фуд-Македонија “, а  во соработка со „ЈП Пазари“-Битола и Општина Битола.

Производството на „букавската пипер“ за Мандровска е семејна традиција наследена од баба и прабаба. Таа сега годишно произведува околу 100 килограми „буковска пипер“ што е доволно вели со продажбата  да го прехрани семејството. Напоменува дека иако на пазарот може да се најде „буковска пипер“ по цени од 300 до 500 денари, нејзината пипер ја продава за 1000 денари од килограм, а потрошувачите го препознаваат квалитетот и ја купуваат.

 

-„Слоу Фуд-Битола “ го поддржа нашиот производ и така почнавме и да го пакуваме. Продажбата на „буковската пипер“ оди добро, иако сме поскапи во споредба со другите производители, но конзументите знаат дека нашиот прозвод е органски, како од старите времиња, без пестициди, туку произведен на традиционален начин. Од семето вадиме семе и го сееме во леи, па го расадуваме по нивите. Потоа кога пиперката ќе порасне ја береме, ја нижиме, ја сушиме во нашата сушница која е во дворот . Откако таа постапка ќе заврши го толчиме пиперот во кутле. Дел ја мелиме другата ја пакуваме, и се така рачно ништо машински, вели Мандровска, која како на шега напоменува дека сто пати удира во кутлето со толчникот за да ја истолчи пиперта за што како што вели „треба рамења и силни раце“.

Мандровска вели дека државата треба повеќе да се заинтерсира за промоција на „буковската пипер“, и да ја заштити како бренд.

На „Пазарот  на локални производи“ во Битола, што оваа есен се одржа по трет пат се покажа дека битолчани се желни за здрава органска храна.

Тие на манифестацијата што се одржува во Новиот Пазар во Битола дегустираа  и купуваа домашно вино, сирење и кашкавал, домашен путер од лешник, ајвар,  домати и кромид, органска козметика. Но, многумина само разгледуваа, бидејќи  добар дел од производите  се со по неколку пати повисоки цени од колку цените во супермаркетите.

-Да имаме повисока пензија,  наместо во маркет ќе пазарам само од пазар, зошто храната е чиста, здрава и заеш од каде ја купуваш, од кое село, од кој човек. Но, за жал, наместо да внимаваме на здравјето, ние се мачиме да преживееме. На сите ни е јасно дека здравјето е во традиционална и органски здрава храна, вели Ванчо, пензионер од Битола.

Биено и бело сирење како и кашкавал на пазарот  донесе Игор Поповски, кој има своја фарма во Дихово.

 

-Произведувам сирење и кашкавал, работата е доста специфична и те обврзува по цел ден, но граѓаните го ценат квалитетот иако економскиот стандард на луѓето си го прави своето. Но кога работиш напорно и со љубов ќе успееш. Рецептот  за овие производи е мој, сам се научив со голема љубопитност, рече Поповски.

Сопственикот на „Вила Дихово“ Пеце Цветковски на посетителите им нудеше домашно произведено вино од грозјето на неговата плантажа, за кое рече дека и по опивањето од него не боли глава.

-Произведувам и нудам домашни производи, го практикувам традиционалниот начин на производство на вино, обратно од големите винарии, значи без сулфати и без конзерванси и чување во специјални услови под земја во визби, со таа,  ако може да се каже мана, да немаат многу рок на траење , но да бидат здрави за нашите конзументи. Кога ќе се опијат вечерта , наутро да немаат главоболки. Годишно произведувам од 600-700 литри вино, рече Цветковски.

На Пазарот можеше  да се вкуси и „ашлама“, преспански сукан специјалитет со варено тесто, специјалитети на  Марица Трајчевска (66), од Ресен.

 

Битолчани доаѓаа до тезгата на ресенчанката љубопитни да ја вкусат „ашламата„ ама  сепак се одлучуваа да купат од веќе познатото преспанско ѓомлезе, од  питулиците со лук и изварка како и со сирење.

-Една пријателка ми рече во Битола не знаат што е „ашлама“ , дојди претстави се, а тоа е наш специфичен специјалитет за Преспа. Така дојдов на овој саем на традиционална храна да им го претставам на битолчани, да го вкусот овој посебен рецепт кој не е ни благо, ни солено. Ова е варено тесто, па сукано, посипено помеѓу корите со тарана и  испечено. Битолчани малку се скептични пред да го вкусат. Јас често го правам и луѓето ми го нарачуваат за дома. Специјалитетите од тесто ги научив од мајка ми, од мала, додека сите си играа со кукли јас си играв со тесто, сега од таа вештина и заработувам, рече Трајчевска.

На пазарот се готви на лице место и се дегустира, а најмладите учествуваа во едукативен час како да ја препознаа здравата храна.

Емилија Недановска, нутриционист со едукативна работилница за најмладите

Емилија Недановска, нутриционист ги учеше најмладите како да се хранат здраво и како се меси леб. Па присутните дечиња месеа тесто, правеа разни фигури , а други цртаа и боеја.

 

-Најбитното е да се едуцираат најмладите да се хранат со зеленчук и овошје, тоа е неопходно за  правилен раст и развој на децата. Од друга страна ги учиме како се подготвува лебот. Односно, ги учиме децата на она што е наша филозофија, да се конзумира локална и здрава храна без пестициди, рече нутриционистот Недановска.

Целта на овој пазар е да нема трговци туку само производители

Оваа манифестација има една цел, производите да ги нудат лично производителите ,а   купивачите да се сигурни од каде купуваат, дали храната е органска, чиста и произведена на традиционален начин, велат организаторите од „Слоу фуд“ Битола.

-Овај пазар е концепт развиен од нашата матична организација „Слоу фуд“ во Италија , решивме искуството од таму да го пренесеме тука. Нашата порака  е колку синџирот на исхрана  е пократок, толку и храната би била подобра, значи да се одбегне транспортот на далечина, тоа е подобро за сите и за нас како конзументи и купувачи на храната , но и за производителите коишто би имале помали трошоци и поголемиот дел од заработката останува кај нив, наместо на целиот тој дистрибутивен синџир, рече Елена Каровска  од „Слоу фуд “ Битола.

 

Николче Николовски, претседател на Националниот одбор на  „Слоу Фуд-Македонија“ 

-Овој проект е поддржан од Општина Битола и од ЈП Пазари-Битола  целата ни е во овој есенски период  да воспоставиме традиција на организирање на „Пазар на фармери“.  Со досегашната соработка меѓу производителите и купувачите гледаме тие не се познаваат доволно, едните се жалат дека немаат пласман на нивните призводи, а  конзументите генерално немаат пристап до поинаква храна од онаа што ја има во супер маркетите, и затоа наша цел е да се промовираат  малите локални производители. Тука сме да ги споиме производителите и конзументите, рече Николче Николовски претседател на Националниот одбор на  „Слоу Фуд-Македонија“.

Во изминатите два настани на манифестацијата беа забележителни домашниот намаз од лешник, „Леска“исклучително вкусен и подготвен од вештите раце на фармерот и готвач Пеце Клечкаровски од Струга.

А на пазарот  пред битолчани беше претставена и природна органска козметика, направена во фармацевтска лабораторија во Битола опремена со современа апаратура.

-Мајка ми во нашата лабораторија прави различни производи од органски состојки, креми и сапуни со арганово масло и пчелин восок. Тука се вбројува и путерот за тело и мелемот за детска кожа. Нашата идеја беше да направиме нешто природно, а не со хемикалии што се користат во останатите производи. Битолчани не препознаваат и ги купуваат нашите производи, рече Ангела Пандовска.

 

Анета Блажевска за „Зелена берза“

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close