Многу истражувања во Македонија потврдија дека загадениот воздух влијае врз загадување на почвата и на земјоделските производи кои се произведуваат на неа. Од Организација на потрошувачи велат дека граѓаните имаат право да знаат што јадат, бидејќи тешките метали се токсични и при ниски концентрации и претставуваат сериозна опасност за здравјето на луѓето и животната средина
Загадувањето на воздухот го зема данокот. Се труеме со храна од загадената почва. Голем број истражувања го потврдуваат фактот дека во оние региони во државата каде воздухот е загаден, загадена е и почвата и храната. Во земјоделските производи, пак кои се произведуваат во овие региони пронајдени се поголеми концентрации на тешки метали, железо, манган, бакар, цинк, олово, кадмиум, кобалт, никел, хром…
Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека граѓаните имаат право да знаат што јадат, бидејќи тешките метали се токсични и при ниски концентрации и претставуваат сериозна опасност за здравјето на луѓето и животната средина.
Маријана Лончар-Велковска од ОПМ вели дека загадувањето на воздухот влијае и на загадувањето на почвата и на загадувањето на производите.
-И за пестицидите и за тешките метали треба да се испитува земјата каде што се садат производите, бидејќи ако е загадена почвата со тешки метали и пестициди тогаш нормално и производите што се произведуваат на таа почва да бидат загадени. Кај органското производство се контролира почвата, меѓутоа потребно е поголема контрола кај конвенционалното производство, вели Лончар-Велковска.
Според неа, посебно треба да се контролира почвата која се наоѓа во близина на објекти кои што испуштаат тешки метали. Во близина на фабрики како „Охис“ почвата е загадена и голема е веројатноста дека производите кои се произведени во близина исто така се загадени. Поради линданот во овој дел од градот некое време беше забрането да се садат земјоделски производи.
-Потребно е земјоделците да не користат пестициди или да вршат замена на пестицидите со поблаги препарати за заштита на производите. Исто така производите кои се изложени на патишта, на улици каде што има голема фреквенција на сообраќај се загадени со тешки метали од издувните гасови кои ги испуштаат автомобилите, вели таа.
И директорот на АХВ потврди дека Агенцијата редовно врши контроли на храната која се увезува. Сите пратки во кој се пронајдени поголеми количини на олово се уништени.
-Се контролираат сите производи и доколку истите не претставуваат опасност по здравјето на луѓето, односно немаат поголеми концентрации на олово не се повлекуваат. Во системот има следливост и доколку не се повлече целото количество што е увезено и е заразена со тешки метали, тогаш сме должни да ја информираме јавност за кој производ се работи и каде тој е дистрибуиран, изјави Атанасов.
Тој додаде дека, мината година поголеми концентрации на тешки метали биле откриени во повеќе региони во државата, меѓу кој во Велешкиот регион кадмиум и олово во Струмичко. Утврдено е присуство на тешки метали и тоа во трпезно и винско грозје, компир, спанаќ, марула, целер, пиперки, кромид од Велешко, Неготинско и Кавадаречко.
И истражувањето кое го правеше Институтот за јавно здравје покажа дека во седум примероци од прехранбени продукти од увоз е утврдена зголемена содржина на олово, а од домашно производство и промет биле откриени тешки метали кај 12 примероци.
Истражувањето на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет исто така потврди дека во одредени региони каде што имаме големо загадување на почвата, посебно со тешки метали, има загадување на зеленчукот. Детални истражувања извршени се во Велес и неговата околина и од поголем број на бавчи земени се над 40 различни примероци од зеленчуци и во сите нив утврдено е дека концентрацијата на кадмиум и олово е над максимално дозволената. Концентрациите на кадмиум биле и над 20 пати, а на олово од два до 10 пати над дозволените интервентни вредности.
Извор: вечерпрес