вестиТоп вести

10 илјади семејства ќе добијат до 1000 евра за набавка на инвертери

Пелагонија

 

 

-Повикот ќе се однесува и за граѓаните кои ќе сакаат да купат инвертери, но и за фирмите продавачи, кои треба да се пријават дека имаат инвертери со тие стандарди кои се побаруваат, истакна директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

 

Од следната недела ќе биде објавен повикот за граѓаните во најзагадените градови во државата  за субвенционирање на инвертер клими. Оваа мерка ќе се реализира со финансиски средства од заштедите на ЕСМ. Околу 10 илјади семејства ќе добијат до 1000 евра за набавка на овие грејни тела.

Ова при посетата на РЕК Битола, го најавиja  вицепремиерот Кочо Анѓушев, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, кои заедно  го посетија најголемиот енергетски капацитет во Северна Македонија, РЕК Битола, каде остварија средба со менаџментот на енергетскиот капацитет.

-Во претходните десет години цената на електричната енергија беше покачена за над 70%, додека овие две и пол години остана непроменета. И покрај тоа што цената остана иста, со домаќинско работење на ЕСМ, компанијата успеа да оствари акумулиран профит од над 40 милиони евра и речиси двојно повеќе ликвидни средства. Дел од овие средства ќе бидат насочени кон граѓаните и тоа кон оние во најзагадените градови во Републиката. Тоа се подразбира и за Битола, како и за Тетово, Кичево и Скопје, како најзагрозени градови, со субвенционирање за набавка на инвертер клими, со замена на грејни тела кои користат фосилни горива, рече Анѓушев.

Заменикот министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули рече дека околу 2500 домаќинства во Битола ќе бидат во можност да ја искористат мерката за субвенционирање на набавка на инвертер клими, со што значително ќе се придонесе на намалување на загадувањето.

-Има една кампања на светската здравствена организација која вели: Секој да се пробуди наредниот ден и да не биде мета на загадувањето. Ова што Владата во соработка со ЕСМ го прави е токму тоа, над 10000 семејства да не бидат мета на сопственото загадување. Во Битола ќе интервенираме и во едно основно училиште со замена на начинот на затоплување, една градинка и две основни училишта се дел од планот за енергетска ефикасност. Околу 80-85% од домаќинствата во Битола се загреваат со фосилни горива, граѓаните се разбира не сакаат да загадуваат, некогаш не може тоа да го направат од економски причини и токму затоа Владата помага со субвенционирање на набавката на инвертер климите, речеМакрадули.

Генералниот директор на ЕСМ, Ковачевски нагласи дека компанијата сериозно е вклучена во оваа акција на Владата. ЕСМ преку акумулираните заштеди ги намени 10-те милиони евра потребни за финансирање на инвертерите.

-Истовремено подготвуваме информативна акција или кампања во јавните гласила за да ги информираме граѓаните дека ќе почне, односно дека почна пријавувањето и дека сме го објавиле повикот. Повикот ќе се однесува и за граѓаните кои ќе сакаат да купат инвертери, но и за фирмите продавачи, кои треба да се пријават дека имаат инвертери со тие стандарди кои се побаруваат,   истакна Ковачевски.

За градоначалничката Петровска овој проект има повеќекратен ефект, односно не само како заштитна мерка за животната средина, туку и како мерка која директно ќе влијае врз намалување на трошоците не семејствата за затоплување.

 

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close