20 македонски органски производители и преработувачи со свои производи на Биофах, во Нирнберг

(Oвој напис е објавен на: February 16, 2018)

nirnberg

Органските земјоделски производи од Македонија се дел од најголемиот саем за органски производи Биофах кој од 14 до 17 февруари се организира во Нирнберг, Германија. Оваа година, на штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дваесет македонски компании ќе се претстават со органски градинарски, житни,овошни, млечни и месни производи, производи од мед, диворастечки производи, органски ѓубрива и преработки на органски производи.

Втора година по ред, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија им овозможува на органските производители, на сопствен штанд да се претстават на најголемиот саем за органски производи. За подобра промоција на македонските органски производители, министерството со помош на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ(IncreasingMarketEmployability)  изработи промотивен каталог  на органски производи на кој покрај компаниите кои се изложувачи, се претставени и компании и производители кои не беа во можност да присуствуваат на овој саем.

Дел од производителите на органски преработки, велат дека можноста да се биде дел од најголемиот саем за органска храна овозможува да се остварат директни средби со потенцијални купувачи, но и да се следат трендовите и новините во органскиот сектор.

„Веќе втора година по ред изложуваме на македонскиот штанд на Биофах. Минатата година остваривме контакти со десетина заинтересирани купувачи, а успеавме и да извеземе производи во Италија. Сметам дека е одлична можноста да ги претставиме македонските органски производи на најголемиот саем, но и да се информираме и да ги следиме најновите трендови и технологии во овој сектор“ вели Сашко Антовски од „Екстра фунги“.

На овогодинешното издание на Биофах ќе се претстават 2,950 меѓународни изложувачи, а се очекува да присуствуваат над 50.000 трговци со органски производи и опрема за органско производство.Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со поддршка на швајцарските програми ИМЕ и СИППО овозможи поврзување и организација на состаноци со купувачи на органски производи од Германија и Швајцарија, на кои директно ќе се договараат можностите за извоз на македонски производи на овие пазари.


 

бизнисвести.мк