Кравите од Крива Паланка ќе одат во затворите во Идризово и Прилеп
Во почетната фаза, кравите ќе бидат сместени во Казнено-поправните домови Идризово и Прилеп. Владата го усвоила акцискиот план, во чие спроведување ќе учествуваат дури седум институции, на својата последна седница.
Запленетите крави од големото стадо што се движи слободно во околината на Крива Паланка и во самиот град, според владиниот план, во почетната фаза ќе бидат сместени во Казнено-поправните домови Идризово и Прилеп. Владата го усвоила акцискиот план, во чие спроведување ќе учествуваат дури седум институции, на својата последна седница.
Како што соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска започнала оперативната реализација на планот, а на состанокот на Координативниот штаб биле утврдени конкретните активности и задолженија на институциите вклучени во процесот.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.




