fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј: Браќата што го сменија светот

Честито име на сите што ги носат имињата Кирил и Методиј

Секоја година, на 24 мај, Македонија го одбележува Денот на сесловенските просветители и го слави големото дело на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Македонските и сесловенски просветители – браќата Кирил и Методиј, се заслужни за културниот развој на сите словенски народи, основоположници се на словенската писменост и литература, основачи на првата словенска азбука – глаголицата. Денот на сесловенските просветители и учители Св. Кирил и Методиј, или Денот на светите солунски браќа Кирил и Методиј, е значаен и голем државен македонски празник, кој првпат во Македонија бил одбележан на 11 мај 1863 година во црквата „Св. Богородица“ во Скопје. Датумот е избран бидејќи го означува денот кога започнала Моравската мисија.

„Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување на св. Кирил на 27/14 февруари и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: ‘И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен’. Но поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости, кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија, во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи“, ќе посочи македонскиот фолклорист д-р Марко Китевски.

Моравската мисија на двајцата браќа е всушност важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план, преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе задно со брат му Методија неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Верските мисии на Кирил и Методиј

Прва мисија на Константин била мисијата кај Сарацените во Багдад (Арапска мисија), која имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите. Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското Кнежество во Македонија (Брегалничка мисија). Доаѓајќи во Брегалничко, според легендата, Константин покрстил 54.000 Словени. Таму Константин ги воочил проблемите со кои се соочуваат Словените, со немањето своја азбука и неможноста да се употребува грчкото унцијално писмо и латиничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.

Во 860 година, Константин е испратен од Византија кај Хазарите, на брегот на Црно Море (Хазарска мисија). Тие немале официјална религија. Кај хазарското население имало Евреи, муслимани, христијани и пагани (многубошци). Задача на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј.

Во оваа мисија на Крим, тие ги откриле моштите на папата Климент Први (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата „Св. Димитрија“ во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент. Дел од моштите Константин понел со себе. По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен во нова мисија кај Аланите, во градот Фула, на источниот брег на Црно Море. И оваа мисија успешно ја завршил покрстувајќи голем број пагани.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close