306 земјоделци есенската сеидба ја завршуваат со нови трактори, финансирани преку Програмата за рурален развој и АФПЗРР
До денеска исплатени се 306 апликанти и на нивните сметки вратени се 120 милиони денари.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски, денеска во скопско Стајковци го посети земјоделското стопанство Еко – Фарм 2017 и управителот Александар Крстевски, кој од АФПЗРР има добиено финансиска поддршка за набавка на трактор. Станува збор за набавен трактор од марката „Арматраг “со вкупна вредност на инвестицијата од 733 илјади денари од кои 403 илјади денари се вратени на сметаката на апликантот.
Директорот на АФПЗРР, Бачовски информираше дека преку мерката „ Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, подмерка набавка на трактори веќе се реализирани и исплатени повеќе од половина од одобрените апликации.
„Преку оваа мерка потпишани се 540 договори за набавка на трактори. До денеска исплатени се 306 апликанти и на нивните сметки вратени се 120 милиони денари. Тоа се сериозни средства кои се вратени на сметките на земјоделците. Агенцијата продолжува да имплементира и реализира мерки кои го осовременуваат домашниот агро сектор. Преку програмата за рурален развој АФПЗРР исплати 990 милиони денари за поддршка на мерките кои се реализраат преку оваа програма. Со тоа реализацијата на средствата од програмата за рурален развој е 85%. Практично овие средства се инвестирани во капитални, развојни проекти кои го прават секторот земјоделство поконкурентен и со пониски производни трошоци.“ – истакна Бачовски.
Управителот на Еко – Фарм 2017, Крстевски вели дека тракторот стасал во вистински момент.
„Оваа есенска сеидба, новиот трактор значително ги намали производните трошоци. Обработката на 10 хектари површина со градинарски култури, сега оди полесно, а скратено е и времето за обработка. Ваквите мерки не само што не прават поконкурентни, туку не тераат да ги зголемуваме површините. Повратот на повеќе од половина од средства за набавка на трактор веќе планирам да ги реинвестирам во нови проекти кои ќе ми овозможат да креирам додадена вредност на домашните произведени земјоделски култури. “- објасни Крстевски.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како и минатите години и оваа останува најефикасна институција во делот на реализација на предвидените и одобрени капитални инвестиции и средства. Владата на Република Северна Македонија, останува посветена во обезбедување и реализација на мерки преку кои граѓаните добиваат квалитетни проекти кои подеднакво го развиваат секој дел од државата. Рамномерниот регионален развој, капиталните инвестиции во општините, набавка на нова модерна механизација, како и отворање на нови современи земјоделски стопанства остануваат во фокусот на АФПЗРР.