Земјоделците да ги пријават штетите од невремето на 11-ти септември
Земјоделците треба да ги пријават штетите од невремето со пороен дожд, град и со силен ветер што се случи на 11-ти септември во неколку региони. Барањата за проценка може да се поднесуваат до 5-ти октомври. Првичните проценки покажуваат дека се настрадани скоро 2.000 хектари со овошни, лозови и индустриски култури.
Демир Хисар, Ресен, Македонски Брод, Тетово, Прилеп, Долнени, Кривогаштани, Велес, Свети Николе, Куманово, Кавадарци, Росоман, Кисела Вода и Гази Баба се регионите кои беа најмногу зафатени со невремето од 11-ти септември. Во подрачните единици на министерството, земјоделците од овие места до 5-ти октомври, можат да поднесуваат барање за проценка на штетите направени од поројниот дожд со силен ветер и град.
Според првите податоци, настрадани се околу 2.000 хектари со земјоделски култури, најмногу со овошни, лозови и со индустриски култури.
Со барањето земјоделците треба да достават фотокопии од личните документи, трансанциска сметка и доказ за користење или сопственост на земјоделското земјиште. За проценка на штетите се формирани повеќе комисии кои ќе ги посетат сите земјоделките стопанства на чии површини се направени штетите.
Обештетувањето ќе се врши преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, по увидот од комисиите и проценката од страна на Бирото за судски вештачења.