Зелената пупавка (Amanita phalloides)
Целата печурка излегува од јајце. Доколку тоа се пресече напречно пред печурката да го пробие ќе се видат контурите на млада печурка. Шапката во почетокот е со топчеста форма којa потоа преминува во изглед како чадорче. Достигнува пречник од 5-15цм. Зелената пупавка има многу различен спектар на бои на шапката. Најчесто е со некоја нијанса на зелената боја, но исто така може да биде светло или темно смеѓа, дури може да биде и потполно бела на која што на мал дел постои некоја зелена нијанса. Познатиот и одамна покоен миколог Иван Фохт во едно од своите дела пишува дека зелената пупавка ја наоѓал и како лимон жолта, а во некои региони и со челично плава боја на шапката.
Ливчињата се нежни,лесно кршливи и со бела боја. Струкчето е со бело-зеленкаста нијанса кое на горниот дел има бело венче, а на основата се наоѓа остатокот од јајцето кое сега изгледа како вреќичка и претставува многу битен момент кој помага во правилно детектирање на оваа врста.
Зелената пупавка претставува честа врста која расте најчесто во дабови и букови шуми од Јули па се до крајот на Октомври, но ја има и во други листопадни и зимзелени шуми. Може да се сретне и во висински и во низински предели.
Зелената пупавка е најотровната печурка и знаците на труење почнуваат да се манифестираат од 6-24 саати после конзумирањето што е ралативно многу касно за укажување на поквалитетна лекарска помош. Единствено слична по отровност е ретката бела пупавка (Аmanita Verna) и многу ретката конична пупавка (Amanita Virosa). Овие три врсти во светот на микологијата се познати и како Ангели на уништување и виновни се за смрт и на цели семејства. Зелената пупавкапредизвикува т.н. фалоидински синдром на труење кој што е најтежок облик на труење од печурки. Поседува многу различни отровни материи кои што се систематизираат во две групи (фалотоксини и аматоксини) кои што се термостабилни и за кои што не постои противотров. Најнапред се манифестираат тешки гастроинтестинални тегоби, грчеви на мускулите, понекогаш и колапс на кардиоваскуларниот систем и смрт. После оваа фаза доаѓа до привидно подобрување после што следи и најтешката втора фаза на труењето при што отровите на зелената пупавка црниот дроб и бубрезите ги разградуваат и ги претвораат во масно ткиво со што тие органи откажуваат,потоа внатрешни крварења и на крајот смрт кој што обично се случува четвртиот ден после конзумирањето на оваа врста.
Лекувањето треба да се врши во добро опремени клиники кои што имаат искуство со вакви труења и применуваат разни методи и терапии на лечење. Но сепак за жал и во денешно време сите овие терапии и методи даваат контрадикторни резултати.
Поради големиот распон на колорит на плодовото тело може да се замени гулапките (Russula) или пак шампињоните (Agaricus). Потребна е голема внимателност.
Подготвил: Игор Петровски