fbpx
ВестиТоп вести

Успешна  сезона на куртовската  капија во Пелагонија

Во Пелагонискиот регион нтензивно се собира ајварката. Производителите сезоната ја оценуваат за добра. Родот е квалитетен и цените се задоволителни. Сепак оваа култура би имала подобра иднина доколку државата помогне да има договорно производство и заштитени откупни цени.

 

Во сезона на зимници  ајварката од сортата  куртовска капија е најактуелна. Иако бербата започна со мало задоцнување, заради доцнењето при расадувањето , сепак на крајот од сезоната производителите  позитивно ја оценуваат. Во Пелагонискиот  регион ајварката се сади на отворено.  За разлика од минатата година оваа година родот е помал, но квалитетот е добар. Квалитетот носи и добра цена која се движи  од 19-22 ден/кг.

Никола Букалевски од Могила ајварката ја има на површина од 3 ха. Оваа сезона очекува род меѓу 80 и 90 тони.

„Родот е добар. И покрај жешкото време сепак квалитетот е добар. На почетокот на бербата и покрај квалитетот на пиперот,цената беше лоша и се движеше околу 15 – 16 ден/кг. Нашите откупувачи во овој регион даваа помала цена. Конкуренцијата ја заврши работата. Состојбата се смени откако дојдоа струмичките трговци. Тие нудат од 20 – 22 ден/кг. Сега сме задоволни“, вели Никола Букалевски производител од с. Могила.

Моментално куртовската капија е најдоходовна, но во иднина не може да се ослонат на оваа култура сметаат производителите.

„Треба да садиме помалку за да има повисока цена. Житото е евтино, млекото евтино , пченицата и пченката исто така, а имаат давачки големи. И пиперката има давачки, ама барем сега има цена. Добро е што има откуп. Количините одат за во фабриките, се е регуларно, имаме и документи   за после да можеме да добиеме и субвенции“, вели Добре Автаровски од Могила кој има 6 ха под оваа култура.

Во Пелагонија се произведува најквалитетната пиперка. За разлика од некои производители од прилепско каде на неколку наврати невремето ко уништи целиот род, производителите од општина Кривогаштани велат дека „куртулиле“ и дека имаат добар род.

Откупот непречено се врши и во останатите делови од Пелагонија.

Игор Смугрески од с. Обршани оваа година ајварката ја има на површина од 6 декари.

„Целото производство го носам во откупен центар. Цените се добри.  Да ги однесам на пазар можеби ќе постигнам повисока цена, но не ми се исплаќа да закупам тезга за една година, а ќе ја користам само два месеца. Не можеме како порано да продаваме само одреден период“,вели за Зелена берза Смугрески.

 

Скоро во сите места каде се бери  пипер, постои центар за откуп и тој се одвива  непречено без проблем.

„Откупот на ајварката се одвива без проблеми. Цените ги имаме истакнато, исплатата е на трансакциона сметка и најмногу за десеттина дена им се исплаќа на земјоделците“, вели еден откупувач кој сакаше да остане анонимен.

 

Сепак она на што укажуваат производителите за да се продолжи со негово производство државата треба да помогне.  Слично како и со другите култури и со пиперката треба да има загарантирана цена   со договор.

„Во март месец кога почнуваме со садење никој не ни  гарантира цена ниту пак прави договори. Цената може да е различна. Пред четири години цената беше 5 денари“, посочува Букалевски.

Во пелагониско регистрирани се 500ха под насад од индустриска пиперка.

Со цел да ги помогне производителите на пипер, државата им дава по 3000ден субвенција по декар и по 3 дена за килограм предаден пипер во домашни фабрики.

Производителите велат дека оваа сезона е подобра од ланската, но сепак од година во година се намалуваат површините под пипер. Велат дека на младите им здосадило земјоделието и бараат  работа по фабриките.

Павлина Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close