fbpx
ВестиРурална ЖенаТоп вести

Среќен е оној кој знае колку му е доволно

Каде се живее поубаво во село или град?

Среќен е оној кој знае колку му е доволно

 

Каде се живее поубаво во селото или градот? Жителите од село  ќе речат во градот, а и обратно оние од градот ќе речат во село се живее поубаво. Секој со свои аргументи за и против, но никој со волшебна формула за среќа. По некое непишано правило од мудрите луѓе среќен е  оној кој знае колку му е доволно.  Кој како ќе си го сфати животот. Било кој да е и било каде ако не знае да ужива во секојдневните моменти не ќе може да му помогне ниту волшебно стапче.

Гордана Ночевска од с. Прибилци  демирхисарско е една од ретките земјоделки која и покрај сета тешкотија во земјоделието  задоволна е од животот во Прибилци  и не би го менувала селото за живот во град.

– И во детството и сега вклучена сум во земјоделието. Според  мене земјоделието е најтешката работа. Ама  кој како ќе ја сфати. Тешко е да работиш земјоделие  оти ништо не се исплаќа. Што и да почнеш трошоци има, а приходи не. Сепак  задоволна сум од животот, овде ни е  добро. Јас лично не би заминала во градот.  Овде ми е сигурно, за живот  имам сè што ми е потребно. Кој работи има, ако не работи и во град и во село ќе нема, вели Гордана.

 

Гордана заедно со својот сопруг обработуваат  од 15-20 декари земја, нешто сопствено а остатокот земена под закуп од жители што одамна заминале од овие простори и не ја обработуваат. Тутун, пченка, грав, компир и пипер се културите што ги одгледуваат. Некое коковче и прасе, но за свои потреби. Во моментов најмногу се исплати тутунот, вели таа.

 

-Оваа година сме задоволни од тутунот. Го имавме на 6,5 декари површина. Само јас и сопругот го работиме. Пред Нова година предадовме околу 1800 кг тутун, квалитетот беше добар  и  го проценија  онака  каков што си беше. За другите не можам да кажам каков имале  или како го процениле. Имавме договор во три компании Секе,  Сокотаб  и Орбита. И за следната реколта планираме  иста површина да засадиме,рече за Зелена берза Гордана Ночевска.

Гордана веќе 11 година е регистриран земјоделец. Успеала да ги искористи поддршките што ги дава државата на земјоделците  набавувајќи земјоделска механизација и се она што и е неопходно за да си ја олесни работата. Не размислува за нешто поголемо, бидејќи, како што вели доволно и е она што го има во моментов. Но за една жена да води свој бизнис потребна е поголема поддршка од државата, смета таа. Ниски откупни цени и немање организиран откуп се најголемите пречки не само за жените да почнат свој бизнис туку и за мажите, смета таа.

– Слушнав за мерките на кои може како  жена да аплицирам и да добијам повеќе бодови, но не се заинтересирав оти ова што го имам ми е доволно. Сами сме со сопругот, децата не ми се тука. Да има некој да ми помага во ред ама вака, доволно ми е . Ќерката  е мажена, а син ми по завршувањето на студиите во Скопје остана таму да живее. Понекогаш доаѓаат да поможат околу тутунот, но немаат време, не се слободни, објаснува Гордана. Досега успевавме да стигнеме отсега колку можеме толку, додава  таа.

Животот на Гордана не се разликува многу од оној на жените во другите рурални места. Не се чувствува дискриминирано. Но што се однесува за слободното време, според неа слободно време е она што го троши по дома, кога не е на нива. Женското здружување во Прибилци не е развиено. Заеднички потрошеното време на кафе муабет  жените го трошат на теми од секојдневието, за тоа кој колку посеал, колку произвел и колку заработил.  Единствено за празникот на жената 8 март одат на заедничко дружење во Битола. Кој како ќе се организира. Стигнуваат  да прошетаат и да одат  на одмор. Она на што се  посебно горди сите Прибилчани е здравата храна што ја произведуваат без никакви хемикалии. Убавата природа во кое е сместено селото е само уште една причина повеќе животот да се продолжи  токму таму , во Прибилци.

Павлина Јовановска

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close