Од наш агол- За рурален туризам треба повеќе од желба
Државата да дефинира точно што значи политиката на рурален развој, што значи поттикнување на еко туризам.
Ако размислуваме гласно Македонија ги има сите предуслови за развој на руралниот туризам.
Како планинска земја има голем број села, со умерено континентална клима, со богатство на шуми, извонредни пејзажи на релјефот, богата хидрографија, традиционална гастрономска понуда…
Овој тип на туризам е посебно атрактивен за странските туристи, но и за оние кои работат или престојуваат во државата.
Во пракса руралниот туризмот, таков каков што е, се одвива во селските стопанства чија егзистенција се темели на земјоделството, а земјоделците вишокот од своите производи го пласираат во еко туризмот.
Освен продажба на сопствените производи, храна, приход се остварува и со сместување, и одредени други активности како на пример, непосреден контакт со домашните животни на фармите, директно учество во земјоделските работи, варење ракија, јавање на коњ или магаре и сл.
Барем засега, селските стопанства заработувачката ја остваруваат во своите сопствени дворови, и тоа со активно вклучување на целото семејство.
Човечкиот капитал на македонското село!
Но, дали сево ова е доволно за развој на еко туризмот?
Што е со човечкиот капитал? Имаме ли кадар кој може да работи и да го развива селскиот туризам. Имаме ли кадар кој ќе ги остави нивите и ќе се занимава со селски туризмот и се што се подразбира под тоа?
Имаме ли основна инфраструктура како важен предуслов за достапност и квалитет на услугите?
За жал не, и тоа во голем дел на нашите села.
А едно е сигурно дека поради немањето на инфраструктура тешко е да се задржат младите на село, а особено да натераш некој да вложува или да развива туризам. Ако патиштата се во лоша состојба, ако има слабо напојување со електрична енергија, ако водоводите се запуштени, а телефонските сигнали се слаби што е случај во многу села во Македонија не се надевајте на рурален развој и уште потешко на рурален туризам. Што е уште полошо ридско планинските региони каде има услови за рурален туризам за жал се позапуштени со полоша инфраструктура, од регионите во поле.
Вложувања и едукација
Селски туризам не се развива само со еден преуреден капацитет во вашиот двор. Треба многу повеќе.
Треба да се отворат и преуредат манастирите и конаците за ноќевање, црквите за посета, (и не како црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново“, која најчесто е под клуч)…
За да се поместат работите чекор напред, треба младите да го направат тој чекор, да се обучуваат на новите технологии во информатиката и странските јазици како важен фактор за развој на селскиот туризам.
Да се направи уште еден чекор напред со селските заедници. Во нашите села од старите кооперации или школски објекти да изградиме своевидни центри на културата или мини музеи, во кои ќе стојат зачуваните песни, обичаи, игри, материјалната култура од некогашните занаети, изработени предмети на село, изработката на сувенири. Креативни изработки на селските деца, што би значело јакнење на локалната туристичка понуда. Тука би биле примамливи и музичките, фолклорните и драмските фестивали и селски турнири.
Но, сево ова нема да се случи ако државата не стави рака. Она што треба да го направи е да дефинира точно што значи политиката на рурален развој, што значи поттикнување на еко туризам, кој покрај економскиот развој подразбира и инфраструктура и образование, подразбира и здравство. Сето ова како едно влијае на квалитетот на услугите.
Руралното население мора да се информира за можностите, иновациите и достапноста на средствата како поддршка од државата и странските фондови.
Зошто, алтернативниот туризам не е само приказна за раскажување, туку една животна школа за руралното население која мора да ја преточи во успешна локална туристичка понуда за сите нас.
Анета Блажевска