КОВИД-от дополнително ги оптовари руралните жени, трудот и натаму не им е вреднуван
Социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, како и од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и други јавни и социјални услуги, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните средини во земјава.
Како што вели за МИА претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска, ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата.
-Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот поради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми, нагласува Мојсовска во разговорот по повод претстојната јавна дискусија „Руралната жена и корона кризата“ што ќе се одржи утре, на 15 октомври.
Според претседателката на НФФ, во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници.
-Само пет проценти од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор, напоменува Мојсовска.
Нејзина оценка е дека жените се меѓу најпогодените жители во селата од ударот на КОВИД-от врз земјоделството. Нивниот обем на работа сега е зголемен и дома и на поле, а трудот и натаму не е им вреднуван.