Корона кризата пречка за развој на малите бизниси во земјоделството
Корона кризата сè повеќе ја чувствуваат малите земјоделски производители. Производството на храна не смее да запре, но условите во кои работат стануваат сè потешки, велат земјоделците. Идеите за развој на сопствени бизниси не може да се реализираат и остануваат само на хартија.
Малите индивидуални земјоделци кои започнале некаков свој бизнис се на голем удар од последиците на Ковид кризата. Таман кога со помош на новите правилници за продажба од куќен праг слободно може да продаваат, сега нема на кого.
Сега е сезона на подготовка на зимници, кога на пазарите и маркетите има голема понуда, но побарувачката на домашно подготвена зимница е намалена. Ковид кризата, намаленото движење на граѓаните и затвореноста на границите си го направија своето.
Весна Јаневска од с. Росоман е регистриран земјоделец која на сопствена земјоделска површина произведува намирници од кои подготвува најразлични производи. Ајвар, лутенка, разни салати, печи гмечи, туршија, гамби со зелка, секакви видови мармалади, слатка, сокови и уште многу други производи за зимница се подготвуваат во работилницата на Весна. За разлика од периодот пред кризата, состојбите се променети и тешко се излегува на крај бидејќи нема продажба.
-Со последните сили се борам, не се предавам, но не знам до кога. Потешко е од нормалното, но од месец март јас ретко одам на пазарот. Куповната моќ кај луѓето е многу намалена. Купуваат само оние што не може сами да си направат и купуваат само по тегла-две, а не како порано кога цели пакети се купуваа, вели Весна.
Веќе една деценија таа си развива сопствен бизнис и прави зимница на традиционален начин. Почнала со голем ентузијазам и верувајќи во своите идеи, а сакајќи да им пренесе од своето знаење и на други жени формирала здружение. Но интересот се намалува кај жените. „Мерката 115 – поддршка на активен женски член во земјоделското домаќинство“ што беше многу најавувана и требаше да ги поттикне токму руралните жени да почнат свој бизнис е закочена со кризата.
-Сакајќи да го развивам мојот бизнис преку мерката 115 аплицирав за набавка на сушара. Многу се намачив додека аплицирав и уште нема никаков резултат. Се јавував во агенцијата и ми рекоа дека сè е во мирување. Мислам дека државата треба да поводи поголема сметка. Сите треба да живеат и да јадат. Сега правам порачки што ми се уште од август месец. Редовни муштерии што имам од странство, се надеваат дека границите ќе се отворат и дека ќе може да си ги земат порачките, сами или по некој превоз. Порано редовно испраќавме во странство секаква зимница, сега не можеме тоа да го правиме, а треба од нешто да се живее, рече за Зелена берза Весна.
Вели дека идеите што ги имала за формирање на задруга во која ќе членуваат жени со свои бизниси, не се реализирала заради институционални проблеми. Не успеале да го добијат објектот што планирале да го уредуваат и уште на вториот чекор од планираните активности се откажале. Со жените од селото се организирале и оделе да работат како аргатки таму каде што имало потреба. Си помагаат едни со други, која бери пиперки, домати или она што е го има на нивите, друга пече или пржи на ќумбе.
-Се надеваме дека короната ќе заврши, сега си правиме резерви за нас, да имаме. Се надевам дека институциите ќе имаат повеќе слух за нас жените земјоделци, оти ако се откаже земјоделецот, тогаш народот нема да јаде храна која насекаде е позната по својот квалитет. Ќе јаде храна која ќе биде увезена, за квалитетот да не зборувам, но секако ако може да ја купи. Имам земја на мое име, набавив и трактор со мисла да напредувам во земјоделието, ама ако нешто не се промени и јас ќе размислувам да заминам некаде во странство , вели Весна Јаневска од с.Росоман.
П.Јовановска