Киселата зелка најдобар извор на „Ц“ витамин во зимските денови
Дали ќе се јаде свежа или зготвена киселата зелка е многу здрава
Во време кога коси кризата предизвикана од Ковид 19 најчесто поставувано прашање е како да се заштитиме и како да го зголемиме имунитетот. Покрај оние препораки за носење маска, држење растојание и седење дома, консумирање на храна богата со овошје и зеленчук е совет број еден. Есента изобилува со најразлични плодови, но оној производ кој го има во текот на целата година е зелката. Покрај ајварот, киселата зелка е производ без кој не може да се замисли зимницата во едно семејство. Овде во нашите краишта традиција е секое семејство да си наполни буренце со кисела зелка позната кај народот како расол. Порано се сметало дека домаќини се оние што во својата зимница имаат и кисела зелка – расол.
Во минатото луѓето не ги знаеле точно нутритивните својства и составот на зелката, но ги знаеле нејзините придобивки. Бидејќи не била тешка за одгледување, а и не била скапа била неизоставен дел во исхраната. И денес во зимно време често на трепезата се ставаат јадења подготвени со расол. Често вештините на една домаќинка се оценувале по виткањето на сарми од кисела зелка или пак по месење на зелници и мазници во кои се става оваа намирница. Подварокот пак е посебна приказна за себе кога до израз доаѓаат вештините на домаќинката.
Зошто киселата зелка ја сметаат за посебна и лек за многу болести?
Киселата зелка и расолницата(сокот од киселата зелка) содржат големи количини на витамини од кои најмногу B,Ц,E,K и минерали како што се калиум, калциум, фосфор, сулфур, бакар, цинк и магнезиум. Нутриционистите го сметаат расолот дека е многу добар против настинки и зајакнување на цревната флора, за лекување на астма, реума и многу помага за зајакнување на имунитетот како и при разни видови на карцином. Киселата зелка всушност е една од ретките намирници, кои имаат витамин В12. Можете да ставате зелена или црвена зелка во расолница, но црвената е многу побогата со фитонутриенти и витамин С, содржи антиоксиданс кој ги штити сивите мозочни клетки, па со тоа е и поздрава за јадење. Киселата зелка може да служи и како додаток на разни месни јадења или наједноставно да е послужена како салата, а расолницата може да се пие или да се користи за разни супи или варива.
Како се кисели зелката ?
Иако навидум изгледа многу лесно, сепак околу подготовката на киселата зелка треба да се пристапи со големо внимание и се разбира многу љубов. Секако треба да се обрне големо внимание при набавката и изборот на зелка. Кисела зелка се прави од т.н. зимска зелка и оние што сакаат да ја прават, најдобро е да ја купат од познат производител и што помалку третирана со препарати.
Ленче Петковска е бавчанџика која ни го откри рецептот за расол. Зелката ја сади и бере од нејзината бавча која се наоѓа во „градско поле“ во Битола. Како што ни рече во бавчата заедно со својот сопруг одгледуваат од сè по нешто, за сопствени потреби, а доколку имаат вишок го продаваат на комшии и пријатели. Но она на што се горди е органското производство и што помала примена на хемиски препарати.
Ленче за Зелена берза го откри нејзиниот рецепт за расол кој години наназад го употребува. Според тој рецепт потребни се 10 кг свежа зелка и 700-800 грама крупна сол.
Постапка
Најпрво се отстрануваат горните листови на зелката и со остар нож се вади кочанката при што се прави длабнатинка. Длабнатинката се полни со крупна сол и зелката се реди во бурето. Кога ќе се наредат сите зелки се оставаат да отстојат во бурето два – три дена. Потоа солта што останала се раствора во вода и се тура во бурето кое се дополнува со вода до врвот. Се остава зелката да ферментира со секојдневно преточување. По одреден период таа ќе ја смени бојата и ќе омекне по што може да се јаде свежа како салата или друго зготвено јадење. Многу важно е бурето да се стави на суво, темно и ладно место. Ова е основниот рецепт за расол и во него, во зависност од желбата може да се додадат неколку парчиња лимон. Со цел расолницата да не фати цут може во водата да се стави и винобран. Како што вели Ленче количината на зелка може да се прилагоди на сопствените потреби, но колкави и да се количините, таа порачува да не се изостава од исхраната затоа што е многу здрава.
П.Јовановска