Тутунари даваат пари и под рака само да дојдат до ред да го предадат тутунот
НАЈНОВА ВЕСТ-Тутунарите од ИО на Мирчески бараат итна средба со откупувачите и министерството, а бараат и да се обратат пред пратениците во Собранието.
Тутунот продолжува да се цени од 1 до 2 класи подолу од реалната вредност, 4 класа воопшто не се откупува, наместо по класи се откупува по шифри, за да се предаде тутуот се чека со денови, и луѓето за да предадат тутун, мора да барат пријатели, да одат по партиска линија или да даваат мито. Со овие обвинувања денеска излегоа од Иницијативниот одбор на тутунарите кои рекоа дека ваков катастрофален откуп немало во последните 20 годинии.
„Се откупува по шифри, се враќаат луѓето, 4 класа се враќа не се откупува, проценката не е реална, вистинските класи сега што се предаваат во род од прва не се даваат, се рекласираат за нивна намена во прва, а одат во двојка и во тројка. Проценката е катастрофална, се врши грабеж по сите основи. Со денови чекаат за да го предадат тутунот, се враќаат од вагите, не можат да дојдат до вагите, се прават списоци вештачки, не по редослед. По пријателска база, по партиска база, некои даваат пари и под рака само да дојдат до ред да го предадат тутунот. Покатастрофален, полошо организиран откуп никогаш немало во државава во последните 20 години. Луѓе ова вака е неиздржливо и не оди, ова мора да се реши“, вели Игор Мирчески, Иницијативен одбор на тутунарите.
Тутунарите бараат итна средба со откупувачите и министерството, а бараат и да се обратат пред пратениците во Собранието.
„Да ја внесат точката на расправа во законодавниот дом, да не поканат нас тутунопроизводителите, Иницијативниот одбор да им ги кажеме проблемите изворно, не од тие што се запознати како ги советуваат, туку да им ги кажеме ние лично проблемите, за да не дојде до уште поголеми проблеми, па да ги видиме пратениците како ќе реагираат на нашите барања. Тука ќе им ги кажеме проблемите, за да се случи и во новата реколта да нема проблеми. Ако ние тоа не го постигнеме сега, за кратко време ќе се склучуваат договорите за новата реколта. Барањето за 100 денари субвенција по сите класи ќе го бараме до крај. Овој ковид пакет што се спомна, 5-от ковид пакет и за тие некои средства што се одделени за тутунарите ние не знаеме ниту колкави се, ни како ќе се распределат. Да бидат по килограм произведен и предаден тутун, на никаков начин друг, само така ќе се запази и по партиска и по религиозна да бидат реални тие работи“, додаде Мирчески.
Тутунарите обвинуваат дека во државава се вршел и нелегален увоз на тутун кој дополнително ја влошува состојбата. Најкатастрофално е во Општиина Долнени каде од 9 милиони килограми, откупени се само 35%. Тутунарите обвинија и дека откупувачите намерно не им давале картони за да го спакуваат тутунот.
„Четврта класа не сака никој да купи, ние кога сакавме да ја укинеме 4 класа тие викаа дека поради квалитетот 4 класа мора да постои и вие имате договори потпишано на 4 класа. Доколку е така, зошто сега 4 класа не ја купуваат, ние сите имаме договори на 4 класа и постои во договорот 4 класа. На договор потпишан на 2.2 тона, да ја зборниме најреално работата која ни се случува, му купува само 4 картони од прва рака, а за другите му вика кај сакаш да си ги носиш. Овие проблеми уште поголеми ќе станат, овие проблеми ќе се вжештат и реално да ви кажам, најотворено мислам дека многу жртви ќе паднат поради овие проблеми. И да носиш, тутунот што го носиш не ти го примаат целиот, и 40 картони да однесиш по шифри ти ги ценат, а од тие 40, 25 ти враќаат назад, така да џабе и редот ти поминал што си го чекал и нема што повеќе да носиш. Ти бараат горни берби, му носиш горни берби бо прва, нема шанси за прва, и ти останува празна шифрата само за прва, а другите берби не ти ги примаат“, истакна Еџевиит Ајдароски, тутунар од Општиина Долнени.
Од Иницијативниот одбор најавија формиирање на нови здруженија, па ако требало и Сојуз кои реално ќе ги застапувале нивните проблеми.
Дарко Штаргоски за Зелена берза